Достапни линкови

Концерт на Класата по удирачки инструменти на Скопско лето


Ансамбл за удирачки инструменти СОНАНТ
Ансамбл за удирачки инструменти СОНАНТ

Со дела на творци како Милхауд, Росауро, Палиев, Манцини и нашите Наташа Стојановска и Томе Манчев, овој четврток, на 6 јули, во 21 часот, во предворјето на Факултетот за ликовни уметности - Сули ан, во рамки на актуелното Скопско лето, ќе се претстави Класата по удирачки инструменти на професор Мојца Седеу. Солист на концертот ќе биде Антоние Весковски, а пијано придружба Весна Ангелова – Христов.

Уште еден концерт од програмата на актуелното Скопско лето 2017 кој завредува особено внимание. Ова посебно ако се знае дека го потпишуваат млади талентирани музичари како студентите од класата по удирачки инструменти на професор Мојца Седеу од Факултетот за музичка уметност. А тие, во случајов, сочинија програма која се темели на творештвото на авторитети како Милхауд, Росауро, Палиев, Манцини и нашите Наташа Стојановска и Томе Манчев. Со овој одбир и со енергијата и виртуозноста што несомнено ги поседуваат ќе се обидат на отворената сцена на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан да донесат нови аудио сензации и наново да потврдат дека нивното време без било каква двојба допрва доаѓа.

Солист на концертот ќе биде Антоние Весковски, а за пијано придружбата е задолжена Весна Ангелова – Христов.

Во пресрет на концертот, Весковски знае да каже дека со професорката Седеу посегнале по делата на автори од различни периоди, поднебја и различни стилови. Дека на тој начин имаат намера не само да ја демонстрираат сопствената умешност и енергија, туку и да покажат што значи да се биде перкусионист.

„Би сакале да донесеме една нова енергија. Да се почувствува што значи да се биде перкусионист. Да се биде музичар којшто може да се справи со многу загатки и расположенија – од најемотивни моменти до оние каде што треба да експлодираш. Да бидеш „рокенрол“. Да бидеш гласен, динамичен, енергичен. Толку многу дозволуваат нашиве инструменти, што не се сомневам дека луѓето кои ќе дојдат да го видат нашиот настап едноставно ќе имаат убава можност да се забавуваат. Притоа не смееме да заборавиме да нагласиме дека со особено внимание треба да се проследи самиот крај на перформансот кога ќе ја свириме Свитата за соло тапани и перкусионистички ансамбл на Давид Манцини каде ќе биде нагласено и учеството на Ансамблот за удирачки инструменти СОНАНТ каде очекуваме присутните да почнат и да танцуваат и да се забавуваат“, вели тој.

Роден 1996 година во Скопје, Антоние Весковски ударните инструменти започнал да ги изучува на осумгодишна возраст. По завршување на нижото музичко училиште, професионалната наобразба ја продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, на инструменталниот оддел во отсекот за удирачки инструменти кај професор Зоран Спасовски. Моментално е студент на додипломски студии на Факултетот за музичка уметност – Скопје на отсек удирачки инструменти кај професор Мојца Седеу. Член е Симфонискиот оркестар на ФМУ и на ансамблот СОНАН, како и соработник во Македонската опера и балет. Настапувал и со оркестрите на МРТВ, Градскиот дувачки оркестар, Академскиот хор „Мирче Ацев“. Како инструменталист учествувал на многу фестивали и културни настани низ земјава и во странство од кои се издвојуваат Денови на македонска музика, Есенски музички свечености, XXXIV Bydgoszcz Musical Impressions, XVII International Folklore Meetings во Полска и други. За своите изведби добитник е на повеќе награди и признанија од кои посебно бележити се Првата награда на интернационалниот натпревар за перкусионисти „Art In“ и специјалната награда на 55-от државен натпревар на студенти како дел од ансамблот СОНАНТ.

Згора на тоа Весковски е тапанар и перкусионист во бендот FIGHTING WINDMILLS, кои патем заедно со SETHSTAT неодамна ја сторија премиерната изведба во Македонија на познатото минималистичко дело „In C“ од прочуениот Тери Рајли.

И, кога ова е веќе познато, нималку не чуди кога младиот музичар вели дека неговите интереси за повеќе видови музика, од класична преку рокенрол до авангардна, само му помагаат во изградбата на неговиот творечки пат. Дополнува дека растел со музиката на бендови како ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА, АНАСТАСИЈА, МИЗАР, АРХАНГЕЛ и дека преку нив и преку присуството на македонската алтернативна сцена научил како да ја пласира целата негова изведувачка енергија во повеќе сфери. Како да остане слободен.

„Сакам да си имам слобода. Да си ја имам онаа творечка слобода што секој алтернативец сака да си ја има, а паралелно со класиката, патот по кој паралелно одбрав да се движам, ми се отвораат можности да стекнам дисциплина – нешто што е неопходно за секој вистински музичар“, вели тој.

Од друга страна, професор Мојца Седеу е еден од водечките перкусионисти во Република Македонија. Во почетокот мнозина автори беа инспирирани од нејзината креативна изведба и ѝ посветија дела за ударни инструменти, за да потем таа земе учество во бројни проекти и забележи на серија снимки со дела од класичната музика и од други жанрови. Посебно за издвојување се и нејзините соработки со прочуениот бугарски инструменталист на кавал Теодосиј Спасов, со браќата Тавитјан, перкусионистот Рани Кирија и други. Во 1996 година Седеу, како промотор на иновативното перкусионистичко истражување и педагог со богато интернационално изведувачко искуство, се решава од истакнати инструменталисти од нејзината класа да го основа Ансамблот за удирачки инструменти СОНАНТ. Од тогаш до денес, иако во ансамблот поминат неколку генерации изведувачи, зад СОНАНТ се бројни настапи на домашната и меѓународната сцена и куп значајни награди и признанија.

Но, наспроти сето тоа, уметничката раководителка Седеу, свесна за условите во кои делуваат, знае да нагласи дека најбитно од сè е да се свири.

„Битно е да има музика. Да се свири. Она што го правиме во соба, во кабинет, по факултетите, некако да излезе и надвор. Да има и практичен ефект. Барем за нив, за студентите. Затоа и често одиме на натпревари, на фестивали. А тоа е и целта на уметниците – да излезат од она што е запишано и што ние предавачите упорно го повторуваме на часовите“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG