Вести
Протест во Валандово против рудници во југоисточна Македонија

Овде сме денес да кажеме стоп за изградба на рудниците „Казандол“, „Иловица“ и „Боров дол“, нема да дозволиме тоа да се случи, порачаа денеска во Валандово стотици граѓани од Југоистокот на Македонија кои се против изградба на рудници со отворен коп во земјава.
Тие побараа власта итно да ги исполни своите предизборни ветувања и да направи транспарентна ревизија, како што истакнаа, на сите 86 доделени концесии за изградба на рудници во Источна Македонија, во која ќе бидат вклучени и граѓаните.
„Ние сме тука да кажеме итно стопирање за изградба на рудникот Казандол. Ако дозволиме да се изгради и да почне со работа „Казандол“ и „Иловица“ исто така, тоа е само почеток на крајот. На нас ни следуваат уште 84 доделени концесии во цела Источна Македонија, геноцид врз 400 илјади граѓани на Република Македонија. Сите тие концесии се доделени во еден ден“, рекоа учесниците во протестот.
Демонстрантите маршираа од автобуската станица во Валандово кон регионалната крстосница Валандово-Пирава-Миравци каде одржаа говори и ги истакнаа нивните барања. Во склоп на собирот во 15 часот ќе се одржи конференција „Граѓаните против рудниците на смртта“, на која граѓаните ќе можат да слушнат слични искуства за стопирање на рудници во Романија.
види ги сите денешни вести
Меџити: Никој освен Таравари нема дилеми дека е неприродно да соработуваат Влен и ДУИ

Се водат разговори во рамки на Коалицијата „Влен“ за сите политички субјекти во рамки на Коалицијата да се претворат и втопат во Влен како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на претстојните локални избори, изјави денеска (7 април) вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
За тоа какви се односите помеѓу политичките субјекти внатре во Коалицијата, Меџити рече дека никој нема дилеми, освен претседателот на Алијанса за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари, за којшто рече дека „гледа можност за соработка со Демократската унија за интеграција“.
„Односите со министерот за здравство Арбен Таравари се добри и комуницираме, но сите треба да имаат предвид дека Влен е антипод на ДУИ, односно Коалиција која победи на претходните парламентарни избори и ја донесе долгоочекуваната промена во албанскиот кампус. Ние работиме на таа промена до крај за тоа да го почувствуваат и граѓаните … Никој нема дилеми во Коалицијата, единствениот којшто има дилеми којшто гледа можност за соработка со Демократската унија за интеграција е господинот Таравари, затоа него ќе го прашате, но мислам дека Влен ги доби гласовите, 107.000 гласови како антипод и предводник на промените во делот на албанскиот кампус. Така што, никој нема дилеми освен Таравари којшто треба да расчисти со дилемите. Влен и соработка со ДУИ мислам дека е неприродно“, нагласи Меџити.
Во однос на листите за претстојните локални избори, Меџити посочи дека ставот на сите политички субјекти во Коалицијата е да има една листа, еден штаб и една програма, со оглед на тоа дека веќе постои иницијатива за сите партии во рамки на Коалицијата да се претопат во една политичка партија.
„Ставот на сите политички субјекти внатре во „Влен“ е да одиме со заеднички кандидати, заеднички листи, заеднички штаб, програма и платформа, дури негде каде што има анализа и проценка дека треба да испаднеме и надвор од Влен и да поддржиме независен кандидат и тоа ќе го направиме. Градоначалниците се избираат по мнозински модел, додека системот за листите ги фаворизира големите и нема никаква смисла кога веќе сме кај големите да преминеме кај малите, бидејќи тоа ќе значи расцепување на гласови кои ќе одат во прилог на ДУИ. Тогаш се поставува прашањето за кого работиме. Сите политички аргументи одат во прилог да одиме со заеднички листи, а имајќи предвид дека има веќе иницијативата за „Влен“ да се претопи во една политичка партија, нема никаква дилема дека Влен ќе има една листа, еден штаб и една програма“, рече Меџити.
По информациите во јавноста дека Таравари размислува да ја напушти коалицијата Влен, премиерот Христијан Мицкоски викендов изјави дека владината коалиција е стабилна, а мнозинството има неофицијално чиста двотретинска поддршка во македонското Собрание.
Кина вети стабилни односи со Јужна Кореја по отповикувањето на претседателот Јун

Кинеските власти денеска соопштија дека ќе одржуваат стабилни односи со соседна Јужна Кореја, откако Уставниот суд во Сеул го отповика претседателот Јун Сук Јеол.
„Се надеваме дека Јужна Кореја ќе ја задржи политичката и социјалната стабилност“, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан, ветувајќи дека врските со Сеул ќе ја задржат „стабилноста“.
Уставниот суд на Јужна Кореја во петокот едногласно го разреши од функцијата претседателот Јун Сук-Јол, четири месеци откако тој се обиде да воведе вонредна состојба во неговата земја ноќта меѓу 3 и 4 декември.
Jун, 64-годишен поранешен обвинител, беше избран во 2022 година, но никогаш немал мнозинство во парламентот. Парламентот, кој во декември едногласно гласаше за текст со кој се повикува на укинување на вонредната состојба, го принуди Јун да ја исполни одлуката.
Вонредните претседателски избори треба да се одржат во рок од 60 дена.
Петнаесет германски училишта затворени поради закани од екстремната десница

Повеќе од десетина училишта останаа затворени денеска (7 април) во западниот германски град Дуизбург, откако добиле закани од екстремната десница.
Вкупно 15 средни училишта се затворени, а погодени се околу 17 980 ученици, изјави портпаролката на окружната администрација за агенцијата ДПА.
Како што јавува репортерот на ДПА, в понеделник наутро биле поставени знаци дека „училиштето е затворено“ во неколку од погодените институции.
Испраќачот, чиј идентитет останува непознат, се заканувал дека ќе изврши криминални дејствија во училиштето во понеделник (7 април).
Полицијата соопшти дека училиштето потоа добило уште една порака во неделата, повторно со закани, но овој пат и за други училишта во таа област.
Сепак, полицијата соопшти дека службата за државна безбедност на Дуизбург претпоставува дека заканите се лажни.
Поради превенција, училиштата кои денеска добиле закани одржуваат настава на далечина.
Калас во посета на Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас заминува на нејзината прва посета на Западниот Балкан од стапување на функцијата, во чии рамки од денеска до среда (7-9 април) ќе престојува во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.
Денеска, на првиот ден од турнејата, Калас во Подгорица ќе има средби со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и со премиерот Милојко Спајиќ. Предвидено е Калас да им средби и со претставници на граѓански организации, а ќе присуствува и на примопредавањето на воена опрема за Црна Гора, финансирана од Европскиот мировен фонд.
Од Подгорица, високата претставничка на ЕУ ќе замине за Тирана, каде утре ќе има средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, како и со министрите за Европа и надворешни работи Игли Хасани и за одбрана Пиро Венгу.
Заедно со Хасани и Венгу, Калас ќе го одржи и првиот Дијалог за безбедност и одбрана ЕУ-Албанија, а ќе присуствува и на потпишувањето на договори за грант и заем од Европската инвестициска банка за изградба на пруга од Драч до Рогожина. Калас, исто така ќе има и обраќање пред студенти и претставници на граѓанското општество.
На последната етапа од нејзината западнобалканска турнеја, Калас ќе престојува во Сараево, каде утре ќе има средба со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, а предвидено е за време на посетата да се сретне и со претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, како и со министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ.
Покрај ова, Калас ќе ги посети и припадниците на мисијата на на ЕУ во Босна и Херцеговина - ЕУФОР Алтеа.
Нетанјаху и Трамп ќе разговараат за американските царини, за Хамас и Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска (7 април) во Белата куќа ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, а главна тема на разговор ќе бидат новите царини што САД му ги воведоа на Израел, соопшти кабинетот на Нетанјаху.
Двајцата лидери, исто така, се очекува да разговараат за заложниците кои ги држеше палестинската милитантна група Хамас, потенцијалните тензии меѓу Израел и Турција во Сирија и напорите за одвраќање на Иран.
Министерот за стратешки прашања Рон Дермер, исто така, отпатува за Вашингтон и ќе учествува на состаноци со високи претставници на Белата куќа, потврди за „Тајмс оф Израел“ член на придружбата на премиерот Нетанјаху.
Се очекува Нетанјаху да се сретне и со специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток Стив Виткоф и министерот за трговија Хауард Лутник.
Пред средбата Нетанјаху-Трамп, Здружението на израелски производители објави анализа во која предупредува на огромен потенцијален удар врз економијата од новите американски царини.
Според документот, израелскиот извоз во САД ќе биде погоден со царини од 2,3 милијарди долари, што би можело да остави без работа повеќе од 20 000 луѓе.
Состанок на министрите за трговија на ЕУ за американските царини

Министрите за трговија на Европската Унија денеска (7 април) се состануваат во Луксембург за да подготват стратегија за убедување на американскиот претседател Доналд Трамп да отстапи од новите царини воведени за блокот.
Министрите на ЕУ, исто така, се очекува да разговараат за реципрочни царини, како и за други мерки кои ќе бидат спроведени во случај напорите за преговори за решение со Вашингтон да не успеат.
Американската влада од 5 април воведе универзални царини од минимум 10 отсто за увоз од речиси сите нејзини трговски партнери, откако Трамп претходно ги објави минатата недела.
Министрите на ЕУ ќе разговараат и за трговските односи со Кина, а комесарот за трговија на ЕУ Марош Шефчовиќ ќе ги информира за неговите неодамнешни разговори во Пекинг.
ЕУ со години се обидува да ја убеди Кина да ги прекине трговските практики, вклучително и субвенциите за кои блокот смета дека ја нарушуваат конкуренцијата, пренесе ДПА.
Најмалку 20 загинати во невремето што погоди делови од САД

Најмалку 20 лица загинаа во невремето и поплавите што од средата зафатија делови од САД, вклучително и деветгодишно момче во државата Кентаки кое беше однесено од порој и неколку луѓе кои загинаа од торнадо во градот Тенес, југозападниот дел на државата Тенеси.
Гувернерот на Џорџија, Брајан Кемп, вчеравечер им изрази сочувство на семејствата на двете жртви кои беа погодени од дрво на терен за голф, пренесува Еј-Би-Си Њуз.
Одделот за управување со вонредни состојби во Арканзас потврди дека првата жртва на невремето е петгодишно момче пронајдено во југозападен дом во Литл Рок, без детали за причината за неговата смрт.
Според извештај на командата на пожарникарскиот округ Бофор-Лесли и извештајот на сообраќајната полиција на државата Мисури во сообраќајна несреќа на околу 100 километри западно од Сент Луис загинал 16-годишен пожарникар.
Десет жртви на невремето беа пријавени во Тенеси, три во Мисури, две во Кентаки и по една во Индијана и Арканзас.
Предупредувањата за поплави се на сила од вчера наутро од Луизијана до западна Пенсилванија, а денеска предупредувањето беше лиферувано и за северна Флорида, Џорџија и Јужна Каролина.
Еј-Би-Си Њуз наведува дека од вчера во најмалку 10 држави, од Канзас до Охајо, пријавени се над 90 торнада.
Филипче избран за претседател на СДСМ на внатрепартиски избори

Венко Филипче официјално е избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на денешните (6 април) директни внатрепартиски избори, на кои тој беше единствениот кандидат.
Претседателот на Централната изборна комисија Бранко Георгиевски рече дека од 23.712 запишани избирачи, вкупно гласале 18.140 односно 76,5 проценти од активно регистрираните членови.
„Тоа што добив двојно повеќе гласови од претходниот пат е само доказ дека нашата интензивна работа дава резултат. Ова е доказ дека изборниот процес не беше само технички организиран, туку е доказ дека нашите членови искрено веруваат во исправноста на политиките коишто изминатиот период ги водиме“, рече Филипче на вечерашната прес-конференција.
Георгиевски информираше дека за Филипче гласале 18.001 избирачи, а имало 139 неважечки ливчиња.
Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, претходно беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани.
Филипче за лидер беше избран во јуни минатата година на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Димитар Ковачевски поради историски најлошиот резултат на парламентарните и претседателските избори. Тогаш негови противкандидати му беа Јован Деспотовски и Александар Бајдевски, додека Славјанка Петровска се повлече од трката ден пред изборите. Филипче ќе има мандат од четири години.
Уште еден собир во Кочани - граѓаните „револтирани од гнилиот систем“

Роднини и пријатели на починатите во трагичниот пожар, како и на лицата од обезбедувањето во дискотеката „Пулс“, наместо да маршираат како што беше планирано, попладнево (6 април) останаа на собирното место во „Паркот на револуцијата“ во Кочани.
На собирот под мотото „Ваш профит – наши животи“ им оддадоа почит на настраданите, а наместо говор, испратија писмено известување до јавноста.
„И во овие болни мигови, некој успеа да го подели народот. Јавно демантираме дека закажаниот протестен марш со мото „Ваш профит - наши животи“ е марш само за обезбедувањето! Сите ние имаме повредени или загинати роднини и пријатели! Сите мирни собири до сега беа за правда за прерано изгубените животи, за подршка на семејствата на повредените деца и за неправедно приведените членови за обезбедувањето. Револтирани сме сите од овој гнил систем! Стоп за селективна правда“, се наведува во известувањето.
Организаторите на собирот нагласија дека дополнително ќе информираат дали протестните маршеви ќе продолжат и во наредните денови.
Вчера (5 април) во Кочани се одржа протестен марш наречен „Марш за ангелите“ кој го предводеа членови на семејствата на починатите.
Организаторите на маршот во известувањето за овој марш до МВР нагласија дека тој „не е за лицата од обезбедувањето во дискотеката, а граѓаните кои не го прифаќаат тоа укажување не мора да се приклучуваат“.
Пожарот што се случи рано изутрина на 16 март, одзеде 60 животи, а повеќе од 200 луѓе беа повредени.
Над 50 земји побарале трговски преговори со Белата куќа, вели советник на Трамп

Повеќе од 50 земји побараа од Белата куќа да започне трговски преговори, изјави денеска (6 април) економскиот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, јави агенцијата Ројтерс, додека американските власти се обидуваат да го одбранат наметнувањето нови царини што предизвикаа глобални превирања.
Директорот на Националниот економски совет на САД, Кевин Хасет, негираше за телевизијата ABC News дека царините се дел од стратегијата на Трамп за уривање на финансиските пазари со цел да се изврши притисок врз Федералните резерви на САД да ги намалат каматните стапки.
Тој рече дека нема да има „политичка принуда“ врз американската централна банка. Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social во петокот (4 април), Трамп сподели видео во кое сугерира дека неговите царини имаат за цел да ја погодат берзата во обид да наметне пониски каматни стапки.
Министерот за финансии Скот Бесент зборувајќи за телевизијата NBC News го намали значењето на падот на берзата и рече дека „нема причина“ да се предвидува рецесија поради воведувањето царини.
Трамп ги потресе економиите ширум светот бидејќи во средата ги објави царините за американскиот увоз, што поттикна одмазднички мерки од Кина и ги подгреа стравувањата од глобална трговска војна и рецесија.
Во неделните утрински емисии на американските телевии, највисоките функционери на Трамп се обидоа да ги прикажат царините како паметно репозиционирање на САД во глобалниот трговски поредок, а економските нарушувања како краткорочни последици.
Американските акции паднаа за околу 10 отсто во два дена откако Трамп објави нов глобален царински режим кој беше поагресивен отколку што очекуваа аналитичарите и инвеститорите.
За падот на пазарите аналитичарите и големите инвеститори го обвинија агресивниот пристап на Трамп кон царините, за кои повеќето економисти и шефот на американската централна банка веруваат дека ризикуваат да ја поттикнат инфлацијата и да го загрозат економскиот раст.
Хасет изјави за ABC News дека царините на Трамп досега поттикнале „повеќе од 50“ земји да контактираат со Белата куќа за да започнат трговски преговори.
Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те денеска понуди нула царини како основа за разговори со САД, ветувајќи дека ќе ги отстрани трговските бариери наместо да наметнува реципрочни мерки и велејќи дека тајванските компании ќе ги зголемат инвестициите во САД.
За разлика од другите економисти, Хасет рече дека не очекува голем удар за потрошувачите бидејќи извозниците најверојатно ќе ги намалат цените.
Министерот за финансии Бесент изјави за NBC News дека не очекува рецесија поради царините, наведувајќи го како причина поголемото зголемување на работните места во САД, отколку што се очекувало.
„Можевме да видиме од бројот на работни места во петокот, тоа беше многу над очекувањата, дека одиме напред, така што не гледам причина да мораме да проценуваме рецесија“, рече Бесент.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете