Достапни линкови

Ксенофобична кампања за ширење страв кон мигрантите


Архивска фотографија - Мигранти во транзитниот камп Вунојуг во Гевгелија на македонско-грчката граница.
Архивска фотографија - Мигранти во транзитниот камп Вунојуг во Гевгелија на македонско-грчката граница.

Во говорот на претставници на ВМРО-ДПМНЕ за мигрантите, комуниколозите препознаваат ксенофобични пораки и неодговорна кампања за сеење страв.

Индиректни ксенофобични и дискриминаторски пораки препознаваат комуниколозите во говорите на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и на нејзиниот претседател Никола Груевски поврзани со мигрантите.

Груевски во критиките за 100-те дена за владеењето на СДСМ рече дека наместо да ги бранат интересите на Македонија и нејзините граѓани, Владата на СДСМ се залетала, како што рече, да носи стратегија за згрижување на стотици илјади мигранти.

Зборувајќи за скромните пари и ресурси на државата, високата невработеност, подобрување на условите во образованието, тој направи споредба - наместо нова фабрика која ќе ги вработи луѓето од Македонија, Владата направила план за интегрирање на мигрантите во образовниот процес, наместо да создаде услови за отворање на нови работни места за младите, таа направила стратегија за изнаоѓање решенија за вработување на мигранти.

Превентива или директива за страв од мигранти во Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

На извесен начин во ваквите изјави се препознава ксенофобија, вели комуникологот Сефер Тахири. Се сее страв дека освен со Албанците владата се обидува и преку мигрантите да изврши удар врз македонскиот народ, додава тој.

„Во врска со проблемот со мигрантите доаѓаат до израз и некои моменти на нетолеранција врз основа на раса, на друга припадност, а тоа не е добро за македонското општество“, вели Тахири.

Кампањата против стратегијата за мигранти доаѓа и во период во кој се очекува и започнувањето на кампањата за локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври, а дел општини веќе изгласаа истиот ден да има и референдум за стратегијата.

ВМРО-ДПМНЕ стратегијата за мигранти ја користи како уште една тема за критика кон новата влада во предизборието, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.

„Кампањата е неодговорна, опасна е, креира ксенофобични граѓани, за сметка на краткорочни политички калкулации. Поради тоа мислам дека е неоправдана, особено што се заснова на лажна вест и непостоечки политики“, вели Трошановски.

Инаку целата оваа кампања на опозицијата и на „граѓанската иницијатива Будење“ која собира потписи против, како што велат, доселувањето на мигрантите, повеќепати е демантирана од преставници на Владата со тврдење дека Предлог стратегијата за интеграција на бегалци и странци ‎2017 – 2027 е всушност продолжение на онаа што ја донела владата на ВМРО-ДПМНЕ и дека во ниту еден случај не се предвидува населување на мигрантите.

И премиерот Зоран Заев викендов рече дека референдумите од неколку општини за изградба на станови за бегалци најавени за денот на локалните избори се политичка манипулација за дефокусирање на вниманието на граѓаните во пресрет на изборите.Тој најави и дека за како што рече баналноста на таа политика да ја доведеле до апсурдност и тие ќе ги поддржеле референдумите и ќе гласале .

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG