Владејачкото мнозинство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, во битолскиот Совет изгласа одржување на референдум за или против населување и интеграција на бегалци и мигранти на територијата на општина Битола. Референдумот ќе се одржи на 15 октомври за кога се закажани и локалните избори. Ова предизвика жестока дискусија, а опозицијата обвини дека локалната власт темата ја користи како политички предизборен маркетинг за освојување на гласови.
„Единствената ваша желба е да го оттргнете вниманието од вистинските проблеми кои ги има општина Битола. Така, до 15 октомври сакате да не зборуваме за арамилакот, криминалот, за Транспортер, за загадувањето, неисполнетите ветувања како спортската сала, стадионот, улиците. Сакате да зборувате за тема која сами ја измисливте, сметајќи дека со тоа што ќе изигрувате против бегалците ќе добиете глас плус. Зошто да не направиме референдум на 15 ноември? Во месец дена ќе дојдат многу бегалци, па ќе нема каде да ги сместиме“, изјави Валентин Груевски, советник од ЛДП.
Од локалната опозиција изјавија дека не се против референдум, но не на денот на престојните избори.
„Единствено дискутабилна е датата. Референдум поддржуваме, апсолутно не сме против. Но, ќе бараме датата да биде променета, пред или потоа како сакаат. Ќе бараме датата да биде променета и тогаш целосно ќе го поддржиме референдумот“, изјави Наташа Петровска, координатор на советниците од СДСМ.
Претседателката на Советот, Силвана Ангелевска, која е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, не гледа ништо спорно доколку референдумот се одржи на ист ден со локалните избори. Таа вели дека неприфатливо е поместување за подоцна.
„Откако ќе се донесе одлуката, таа стапува во сила во моментот кога ќе се објави во службен гласник и од тој момент има 25 до 40 дена да се спроведе, не смее да биде ни помалку, ни повеќе. Нема никаква манипулација со датумот, ќе се даде како предлог до ДИК. Таа ќе процени дали е тоа возможно да се изведе. Не сретнавме никаде во законот дека е забрането да се спроведува референдум кога се одржуваат локалните избори. Тоа е поволно и од економски аспект зашто ќе значи заштеда на пари на граѓаните“, рече Ангелевска.
Од локалното мнозинство изјавија дека референдумот е по иницијатива на граѓанското здружение „Будење“ кое достави 4000 потписи и дека нема никаква врска со ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија.