Достапни линкови

Страв од мигранти и покрај владините деманти


Превентива или директива за страв од мигранти во Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

Превентива или директива за страв од мигранти во Македонија?

Жители на населбата Аеродром денеска се потпишуваат против населување мигранти и создавање мигрантски кампови во нивната општина и покрај тоа што Владата демантира дека воопшто такво нешто се планира.

Повикот се појави на фејсбук страницата „Аерором во моето срце“, откако веќе неколку дена граѓанската иницијатива „Будење - Не за населувањето мигранти во Македонија“ собира потписи во повеќе општини низ земјава.

Дел од жителите на Аеродром кои се потпишуваа велат дека не веруваат на демантите на актуелната Влада, а имаше и такви кои велат дека превентивно се потпишуваат против населување мигранти за да ги заштитат нивните деца.

РСЕ: Дали знаете дека потпишувате нешто што е демантирано од страна на Владата дека ќе се градат станови или кампови за бегалци во Македонија?

„На оваа Влада не и верувам ништо, многу работи направи наопаку и ова е нелегална Влада. Ова е за да се разнебитува државата, ако на крај не стане народ да направи нешто за ова, овие ќе не закопаат. Одиме да потпишуваме за нашите деца, да не се иселат, оти овие ако ги натрупаат внатре, нашите деца после нема да може да се вратат“, вели Љупчо Симовски.

„Тие се демантираат, демантираа за платформата, за униформите и уште многу ќе демантираат, а ние уште многу пати ќе се потпишуваме. Јас сум нон стоп на фејсбук и гледам што прават низ Европа, како силуваат, пљачкаат, убиваат. Дали сакаме тоа да биде и кај нас, да не можат моите внуки овде да шетаат“, вели жител на Аеродром.

„Многу пати сум слушнал различни изјави, меѓутоа не излегло така. Тоа е основната побуда кај мене да излезам и да дадам поддршка“, вели Ивица Аневски.

Иако некои од анкетираните се убедени дека бегалците и мигрантите не сакаат да останат во Македонија, сепак се потпишаа на иницијативата.

„Овде за нас нема, а камо ли за бегалците страдни. Тие не сакаат, тие одат транзит, тие не сакаат овде“, вели жителка на Аеродром.

ВМРО-ДПМНЕ ја турка тезата за мигрантите

Тезите дека владата има намера да доселува мигранти прво почна да ги форсира ВМРО-ДПМНЕ. Централниот комитет на опозициската партија во јули изрази загриженост од најавената нова стратегија за мигрантите од која, како што наведоа, произлегувало дека Владата се подготвува да прифати поголем број мигранти во Македонија.

Потоа на комисиската расправа во Собранието опозициските пратеници водеа жестока дебата тврдејќи дека Владата директно, со писмо и во својот акционен план и во својата стратегија, барала повеќе од 100 локации за почнување на изградба на згради низ цела Македонија.

„СДСМ, Заев и Царовска треба да одговорат како ќе им обезбедат работа и егзистенција на десетиците илјади мигранти кои планираат да ги доселат во Република Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно во партиски соопштенија.

И во пресрет на собирањето на потписи во Аеродром советникот од ВМРО-ДПМНЕ во општината Пане Антовски на панел дискусија организирана во партијата, рече дека тие се трудат да изградат нови објекти за постојаните жители, а населување на мигранти во Аеродром би ги отежнало и така комплицираните односи за сместување на децата.

Граѓанска иницијатива собира потписи

Истовремено граѓанската иницијатива „ Будење - Не за населувањето мигранти во Македонија“ почна со собирање потписи во повеќе градови и општини низ земјава кои потоа ги поднесуваат до општините со барање за референдум за стратегијата за мигранти и бегалци.

На постерот кој се споделува на социјалните мрежи на „Будење“ е искористена фотографија од немири на која се гледа маскиран човек и чад, а под неа меѓудругото се тврди дека владата на СДСМ планира изградба на станови и масовно доселување мигранти, заплашувајќи ги граѓаните дека „мигрантите ќе го земат нивното работно место, ќе одат на училиште со нивните деца, а се заклучува дека ќе се зголемела и стапката на криминал и насилство.

Владата демантира

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, пак, неколкупати демантираше дека ќе се населуваат мигранти.

„Не, нема воопшто да се градат станови за бегалци. Македонија во моментов нема ни предвидено буџетски средства за градење на објекти каде што ќе се сместуваат бегалци“ рече Царовска во неодамнешното неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Таа тврди дека опозицијата се обидувала да направи ширење на страв, а дека стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година е продолжение на стратегијата 2009-2015 година, со истиот наслов, која што ја донела ВМРО-ДПМНЕ. Царовска тврди и дека токму ВМРО-ДПМНЕ, коишто ја донеле оваа стратегија и зборувале против оваа стратегија, а во неа биле вклучени најголем број од работите кои биле вклучени во претходната стратегија.

Македонија не е атрактивна за мигрантите

Во време на најголемиот мигрантски бран во 2015-2016 година во Македонија имало 1.600 мигранти, а во моментов нема повеќе од 60 во двата транзитни центри и во центарот за азил.

„Дополнително, стратегијата за бегалци, не е стратегија за мигранти. Мигранти, бегалци и баратели на азил се три различни категории. Затоа, токму со оваа стратегија, ние даваме насока, патоказ е оваа стратегија, не е обврзувачки документ, не е закон со кој ние ќе изградиме станови, со кои се обврзува државата да изгради станови, ниту пак дека ќе им дадеме државјанства на овие групи на граѓани“, рече Царовска.

Според индексот за прифаќање на мигранти на Галуп интерешнл објавен денеска Македонија е земја што е најмалку расположена за прифаќање мигранти. Земјава има најниска оцена-1,47, а по неа следуваат Црна Гора, Унгарија, Србија, Словачка и неколку други европски земји. На листата од десет држави најмалку расположени за мигранти единствена неевропска земја е Израел.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG