Достапни линкови

Екстерното тестирање стана алатка за казнување, а не за подобрување


Архива - Екстерно тестирање во скопските училишта 27.05.2013.
Архива - Екстерно тестирање во скопските училишта 27.05.2013.

Вреднувањето на работата на наставниците може да се врши преку механизми кои не предвидуваат драстични казни како оние во екстерното тестирање, коментираат експерти по најавите дека новата влада ќе предложи негово укинување. Потребен е поголем простор за креативноста на наставниците, велат тие.

Напредокот во работата на наставниците треба да го следат советниците во Бирото за развој на образованието, бидејќи санционирањето на наставниците кое досега беше правено преку екстерното оценување е контрапродуктивно и спротивно на сите образовни системи, вели поранешниот министер за образование Ненад Новковски. Тој смета дека екстерното оценување има сосема друга функција, односно преку него да се прават анализи на целиот образовен систем.

Коментарите на експертите доаѓаат отако претставници на СДСМ најавија дека новата влада ќе го укине екстерното оценување.

Во насока на тоа дали и какви механизми се потребни за контрола на наставниците, Новковски вели дека никаде во светот не постои санкционирање на наставници врз основа на постигнати резултати на учениците. Според него, напредокот на наставниците треба да го следат советниците во Бирото за развој на образованието, а подобрувањето на нивната работата може да се постигне со помош на совети од нивните поискусни колеги.

„Следењето на напредокот на наставниците и на нивната работа треба да го вршат советниците во Бирото за развој на образованието, тоа е една од нивните задачи. Другиот систем којшто беше предвиден да се воведе и е нормален во сите европски земји, тое е со советници и искусни наставници од училиштата, да се ангажираат наставници од училиштата со големо искуство и да работат на советување на помладите колеги за да работат подобро и да се отстранат евентуални грешки“, вели Новковски.

Образованието може да се доведе во поволна состојба прво преку пакет мерки, а потоа треба да се дискутира и за натпартиска стратегија за негов развој во која ќе бидат вклучени голем број експерти, вели Сулејман Рушити, кој исто така е пранешен министер за образование. Во образованието, освен во училишта, потребни се инвестиции и во делот на подобрување на курикулумите, вели тој.

„Само со казни не се постигнува успех. Не трба наставниците да се третираат како противници на подобрувањето на самиот образовен процес, напротив тие се најповикани и мислам дека за подобрување на самиот процес на образованието постојат други стимулативни мерки, како семинари, дообразувања... Сепак најважна е политичката волја, односно да не се третираат наставниците само како гласачко тело. Наставниците треба да се стимулираат и да се остави простор за нивната креативност“, вели Рушити.

Во насока на укинувањето на екстерното оценување претставници на СДСМ истакнаа дека доставиле до Парламентот предлог измени на законите за основно и средно образование по скратена постапка.

Во изминатиот период од неколку години во повеќе градови се одржуваа протести на ученици од основни и средни училишта против екстерното тестирање. Тие бараа негово укинување, а тогашните претставници на власта велеа дека екстерното оценување треба да донесе придобивки за учениците, наставниот кадар, училиштата и целиот образовен систем. Тие велеа дека неговата цел е да се добијат реални податоци каде затајува системот и каде тој може да се подобри.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG