Екстерно оценување е една од најконтроверзните реформи во образованието, за која и после пет години од воведувањето нема мерење на ефектите и нема јасна слика дали концептот придонел кон поставената цел: утврдување на објективноста во оценувањето кај наставниците и саморефлексија на постигнатото знаење кај учениците, покажуваат резултатите во анализата на Центарот за управување со промени, заедно со ЗИП институтот, објавено кон крајот на 2016.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека најголем дел од испитаните учениците и наставниците се незадоволни од воведувањето на екстерното тестирање, односно сметаат дека не треба да се продолжи со концептот на екстерно тестирање (76 проценти од наставниците и 84 проценти од ученици).
Според истражувањето, ефект од оваа мерка е ставањето на средни оценки, оти наставниците се плашат да имаат поголеми отстапки при оценувањето, за да не бидат казнети и да им биде намалена платата. А голем дел од испитаниците сметаат и дека учениците препишуваат, а наставниците им помагаат, па оценките не се реални.
Државниот секретар во Министерството за образование, Сафет Незири, вели дека веќе има забележителни резултати од спроведувањето на екстерното тестирање.
„Од тие забележителни резултати се гледа дека има поголема мобилност од страна на учениците да учат, од страна на родителите заедно со нивните деца, од страна на наставниците повеќе да работат и децата да добиваат поголемо знаење. Но, се разбира може има и пропусти и недостатоци, но ние сме подготвени и отворени да соработуваме и да дискутираме за сите за сите отворени прашања за да се надградува самиот систем“, вели Незири.
Од оваа година оценките кои ќе ги добиваат учениците нема да влијаат врз општиот успех, туку тие ќе бидат впишани во додаток на сведителството, а учениците од четврто и петто одделение нема да бидат дел од тестирањето.
Измените во Законот за екстерно тестирање се резултат на забелешките на сите страни инволвирани во процесот, вели Незири.
Наставникот Владо Димовски вели дека властите водат инает со продолжување на спроведување на тестирањето и покрај тоа што нема ефекти од екстерното. Нема анализа за тоа кои се придобивките, како што немаше ниту анализа зошто има потреба да се воведе екстерното, вели Димовски.
„Нема позитивни ефекти, има само негативни. Се покажа дека резултатите се понегативни, отколку што тие замислувале. Јас не знам која е желбата и настојувањето се уште да го имаме екстерното. Ако тоа не влијае врз оценката, ако тоа не влијае врз запишувањето на учениците во средно, односно на факултет, тогаш зошто би го имало? Мислам дека се работи само за контрола на наставниот кадар“, вели Димовски.
Матурантите оваа година поради одложениот зимски распуст, подоцна ќе полагаат екстерните испити. Тие ќе полагаат испити од 30 јануари до 3 февруари. Државниот испитен центар соопшти дека треба да полагаат 18.600 ученици. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 7 февруари.
Пред неколку денови од СДСМ соопштија дека ќе го укинат екстерното уште на првата владина седница, оти, како што наведуваат во соопштението, тестирањето не му донесе ништо добро на образованието, освен што ги трауматизираше учениците и им правеше притисок на наставниците, професорите и родителите. Од партијата наведоа и дека за сите штетни последици предизвикани од екстерното ќе има одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека моделот на екстерно што се применува од оваа година е унапреден согласно сугестиите и предлозите.