Нов концепт на екстерно тестирање ги очекува учениците оваа школска година. Околу тоа какви измени треба да претрпи овој концепт се кршат политички копја во Собранието. Од жестока комисиска дебата до остра реторика на собраниска седница. Од една страна опозицијата бара укинување на екстерното тестирање кое според нив е погубна политика на Владата, се работи за промашен владин проект и неуспешен експеримент во кој жртви се и учениците и наставниците. Од друга страна, пак, владата во неколку наврати најави надградување на процесот, без при тоа да ги соопшти деталите.
Веќе имаме подготвено околу 6-7 предлози со кои планираме да го надградиме и подобриме целиот процес на екстерно тестирање.Спиро Ристовски, заменик министер за образование.
Заменик министерот за образование Спиро Ристовски неодамна изјави дека се уште се разгледуваат неколку предлози кои наскоро ќе се најдат на владина седница.
„Веќе имаме подготвено околу 6-7 предлози со кои планираме да го надградиме и подобриме целиот процес на екстерно тестирање“, вели Ристовски.
Предлог- измените на Законот за основно и средно образование, што опозицијата го достави до пратениците, содржи само бришење на членовите од претходниот закон кои се однесуваат на екстерното тестирање. Велат дека предлогот е изработен во консултација со граѓанскиот сектор. Како причина за тоа опозицијата ги наведува штетните последици од тестирањето кое, како што велат, наместо да го подобри квалитетот на образование ги влоши состојбите.
Потребна е темелна реформа на образованието. Бараме итно укинување на екстерното тестирање во основното и средното образование, заедно да ја изградиме стратегијата за темелна реформа во образованието која ќе значи крај на малтретирањето на наставниците, крај на експериментите со нашите деца и ќе значи подигање на квалитетот на образованието.Рената Тренеска Дескоска, СДСМ.
„Потребна е темелна реформа на образованието. Бараме итно укинување на екстерното тестирање во основното и средното образование, заедно да ја изградиме стратегијата за темелна реформа во образованието која ќе значи крај на малтретирањето на наставниците, крај на експериментите со нашите деца и ќе значи подигање на квалитетот на образованието“, вели Рената Тренеска Дескоска од СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во комисиските расправи оцени дека предлогот на опозицијата е популистички.
Додека пратениците се расправаат, членовите на Наставничкиот пленум бараат измени во законот со кои ќе се спроведе целосна промена на системот.
Наставникот Владо Димовски вели дека има потреба од екстерно проверување, а не тестирање.
„Формативно екстерно проверување кое ќе служи за статистички податоци за да се види каде недостасува нешто во образованието или каде треба да се дополни. Тука ќе бидат споредбите рурална – урбана средина, или само урбана – урбана и рурална - рурална средина, национален состав на учениците, социјалниот статус на учениците, каде и зашто е послаб некаде успехот и предлагаме во тој дел оценката добиена на екстерното проверување да не влегува во севкупниот просек на учениците и не влегува во свидетелството, бидејќи тоа е небулоза, во свидетелство да имате единица и да го преминете учебната година од едно во друго одделение.“
Во јавноста се уште недостасува суштинска дебата за екстерното тестирање во која ќе бидат инволвирани наставници, ученици и родители за да се изработи соодветен модел.