Достапни линкови

Мандатарот Заев најави брзо формирање влада


Два дена пред истекот на уставниот рок, претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот за состав на новата влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Остранети се пречките, рече Иванов, а Заев достави гаранција за унитарноста.

Со разменување на по еден лист хартија со шефот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на СДСМ Зоран Заев стана мандатар. Тој во име на парламентарното мнозинство ја прочита писмената изјава на која е лично потпишан. Со неа се гарантира заштита на унитарноста, територијалниот интегритет, уставниот поредок, мултиеничноста...

„Ниту еден документ, платформа, декларација, акт или дејствие кои би биле спротивни на погоре наведените ставови не може да бидат услов нити основ за формирање и дејствување на владата на Република Македонија“, рече Заев.

Претседателот Иванов, пак, рече дека го додели мандатот според член 84 алијена 1 од Уставот на коалицијата предводена од СДСМ која го предложи Заев за мандатар.

„Пречките за доверување на мандат за состав на Владата на Република Македонија се отстранети“, рече Иванов.

По кратката средба која двајцата ја имаа во претседателскиот кабинет, Заев рече дека очекува да ја состави новата влада пред истекот на рокот од 20 дена. Преговараме со ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса за учество во новата влада, додаде мандатарот. Очекува и мирен трансфер на власта.

„Јас верувам дека сите се уплашени како луѓе од тоа што го видовме на 27 април, верувам и тие. Тоа нека биде порака, поука до сите да не се повтори никогаш. Учеството во работните средби, во саботата, на претставниците на сите политички партии мене ми дава надеж дека низ институциите на системот ќе се носат сите одлуки. Јас сакам успешен мандат, а за тоа ми треба соработка со идната опозиција“, рече Заев.

Потсети и дека го добива мандатот за состав на новата влада точно на датумот на кој пред две години се одржа големиот опозициски протест во Скопје. Гласот на обединета, шарена Македонија е гласот на единствена Македонија, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ-мандатот е плод на затруено дрво

Политичкиот отпор на ВМРО-ДПМНЕ и протестите резултираа со гаранциите дека нема да се наруши унитарниот карактер на Македонија, рече Никола Тодоров од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа прва реакцијата на партијата Тодоров рече и дека огромна улога во тоа имал и претседателот Иванов

„Денешното добивање на мандат е само затруен плод на затруено дрво. Од денес натаму СДСМ и Зоран Заев ја имаат целата одговорност. Тие го контролираат парламентарното мнозинство и од нив зависи формирањето на идната влада. Зоран Заев е првиот мандатар кој потпишува гаранции дека нема да ги наруши највисоките државни и национални интереси“ рече Тодоров.

Тој нагласи и дека на гаранцијата не се потпишани другите партии од парламентарното мнозинство и дека поради тоа што немале доверба во Заев будно ќе ја следеле неговата работа. Повторно побара нови избори на кои ќе се слушнел гласот на народот.

Могерини и Хан ја поздравија одлуката на Иванов

Кратко време по давањето на мандатот, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан ја поздравија одлуката на претседателот Ѓорге Иванов.

„Се надеваме дека овој конструктивен дух ќе продолжи да преовладува, за земјата конечно да може да излезе од политичката криза. Сега очекуваме брзо формирање влада посветена на спроведување на сите делови од Договорот од Пржино и на Итните реформски приоритети“, се наведува во заедничката писмена изјава на Могерини и Хан.

Тие ги повикуваат сите парламентарни партии да ги стават поделбите настрана и заеднички да работат на реформската агенда за земјата да се врати на патот на евроатлантските интеграции. Могерини и Хан изразуваат подготвеност да ги поддржат реформите напори на новата влада.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG