Достапни линкови

Џафери - Нова влада може да се бира и без мандат од Иванов


Џафери на средба со новинари
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:18 0:00

Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната средба со новинарите истакна дека е должен да го чека претседателот Ѓорѓе Иванов до истекот на рокот на 19 мај за доделување на мандатот за формирање на влада. Доколку не биде доделен мандатот, доколку до него биде доставена програма и состав на новата влада од парламентарното мнозинство, тој ќе свика седница за нејзин избор.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе го чека шефот на државата Ѓорге Иванов до 19 мај да го додели мандатот, а доколку тоа не се случи, како што порача, ако му биде доставена програма и состав на новата влада од парламентарното мнозинство, тој ќе свика седница за нејзин избор. Тогаш истекува последниот ден од рокот за Иванов, порача денеска Џафери на првата средба со новинари откако ја презема функцијата.

„Единаесетиот ден, ако имам предлог програма и предлог состав на нова влада, имам обврска да свикам седница. Нема потреба да молам никого. Јас сум должен да го чекам Иванов до истекот на рокот од 10 дена, потоа се зависи од парламентарното мнозинство“, рече Џафери.

Според него, парламентарното мнозинство има право да избере влада, а Иванов нема право да не го додели мандатот.

„Правно нема пречка да се избере влада без доделување на мандатот, бидејќи ако Иванов не го додели мандатот тоа е против Уставот“, смета Џафери.

На прашањето дали очекува повторно да се случат немили настани доколку се избере влада без доделување на мандатот, Џафери рече дека не ја исклучува таа можност. Но, според него, граѓаните имаат право на протест, но беспредметно, е како што рече да се настојува да се репризираат настаните од 27 април. Тоа е недозволиво, порача Џафери.

Во однос на проблемот со локалните избори, Џафери рече дека в понеделник ќе ги повика претставниците на политичките партии во Собранието на координативна средба за да дискутираат за прaшањето. Според него, политичките партии треба да постигнат консензус за Собранието да може да пристапи кон измени на Изборниот законик. Партиите, како што рече, треба да се договорат и за датум за одржување на локалните избори.

„Јас сметам дека ќе има мнозинство за да се измени Изборниот законик. Не може да се измени законот ако нема договор кога да се одржат локалните избори. Мислам дека партиите нема да се впуштат во блокада на локалната власт, бидејќи тоа е во интерес на сите граѓани“, рече тој.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска рече дека очекува Иванов да му го додели мандатот.

„Јас се обидувам преку мојот кабинет и кабинетот на господинот Иванов час побрзо да го услогласам текстот на изјавата кој ќе има за цел да се даде мандатот. Нема да има за цел да предизвика антагонизам или нови причини и пречки да не се даде мандатот“, порача Заев.

Откако ќе бидат усогласени ставовите, Заев порача дека ќе побара јавна средба со Иванов, Очекува, како што истакна, новата влада да биде формирана до крајот на месецот.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска понудија три датуми како можност за оддржување на локални избори. Првиот термин, според Антонијо Милошоски, е 2 јули.

„Доколку парламентарното мнозинство не е подготвено за брзи локални избори во јули, тогаш втор термин кој што е прифатлив е 17 или 24 септември. Доколку парламентарното мнозинство на СДСM, ДУИ, БEСА и Алијансата на Албанците не се спремни за локални избори во септември, тогаш предлагаме изборите да бидат одржани на 15 октомври“, изјави Милошоски.

Тој порача и дека секој подалечен рок, за одржување на локалните избори би создал поголеми негативни последици за општините и би нанел поголема штета на интересите на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG