Достапни линкови

Мандатот на градоначалниците во рацете на Собранието


Архивска фотографија - Коце Трајановски, актуелен градоначалник на Скопје, гласа на локалните избори во 2013.
Архивска фотографија - Коце Трајановски, актуелен градоначалник на Скопје, гласа на локалните избори во 2013.

Откако Уставниот суд донесе одлука да не поведува постапка за продолжување на мандатот на градоначалниците на потег, според експертите, е Собранието. Единственото решение, како што велат, е свикување седница за измени во изборниот законик, за да не се блокира работата на локалната самоуправа.

Уставниот суд донесе одлука да не поведува постапка по двете иницијативи за продолжување на мандатот на градоначалниците. На потег сега е Собранието, велат експертите, кое треба да расправа по ова прашање. На денешната седница судијата известител Елена Гошева предложи да не се поведува постапка, бидејќи, како што рече, Уставниот суд не може да креира нова правна состојба кога тоа не го направил законодавецот.

„Уставниот суд ја цени содржината на одредбите, а не тоа што го нема. Неприфатливо е во Законот да не е утврден механизам како да се постапи во случај да не можат да се распишат избори, со што би дошло до закочување на работата на локалната самоуправа. Ние утврдивме дека законодавецот има уставно овластување да го уредува ова прашање. Само тој има уставно овластување и тоа е негово право“, порача таа.

Потпретседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, најавува дека ќе побараат од новоизбраниот претседател на Собранието, Талат Џафери да свика седница на која ќе се расправа за продолжување на мандатот на градоначалниците. Тоа, според него, е единствено решение.

„Сега ЗЕЛС и министерството за локална самоуправа ќе напишат писмо до собранието, односно до претседателот на Собранието,Талат Џафери и тој ќе постапи согласно законот за да се продолжи мандатот на градоначалниците. Ова не се прави за градоначалниците, туку се прави во интерес на нашето општество и за сите општини“, истакнува Бејта.

И поранешниот министер за локална самоуправа, Тахир Хани смета дека Уставниот суд не е надлежен, туку Собранието кое што треба што побрзо да пристапи кон измена на изборниот законик.

„Императив е на Собранието на Република Македонија да се свика седница. Тоа е во интерес на сите партии. Тоа е во интерес на локалната власт без разлика дали градоначалниците доаѓаат од позиција или опозиција“, смета Хани.

Според него, доколку не им биде продолжен мандатот на градоначалниците работата на општините ќе биде целосно блокирана. Мандатот на градоначалниците и на советниците во општините истекува на 15 мај.

Претходно, ЗЕЛС упати апел за обезбедување услови за побрзо распишување на локалните избори, во спротивно, училиштата, јавните претпријатија, културните установи и противпожарни единици не ќе можат да ги извршуваат своите дејности.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG