Политичката криза се прошири на уште едно ниво на власта, локалната. Пример за негативни ефекти од актуелната политичка ситуација се конкретни откажани развојни планови произлезени токму од тоа што во Парламентот не може да се изгласа претседател.
Потсетувајќи дека општините добија мислење од Министерството за правда дека мандатот им е продолжен до 15 мај, градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски вели дека изминатите два месеца се соочуваат со хаотична ситуација. Според него, ако не дојде до брза разрешница на политичката криза и формирање влада, ќе има целосна блокада на општините.
„Не може да се распишуваат набавки, бидејки не се знае што понатаму ќе се случува. Без формирање на парламент и претседател на парламент не може да има измена на избирачкиот закон и пролонгирање на мандатите на советите и градоначалниците. Оваа седница во април ќе биде последна седница на Советот. Треба да донесеме финансиски извештаи, одлуки за одредени области, дали во комуналната инфраструктура или социјала. Како некој кој знае дека до 15 мај му завршува мандатот да планира да распишува постапки за имплементирање на развојните програми“, прашува Дамјановски.
Откако во март беше пробиен рокот во кој требаше да се одржат локалните избори, мандатот на Советите и градоначалниците е пролонгиран до 15 мај. Според актуелниот изборен законик, локалните избори може да ги распише само претседателот на Собранието. Собранието е конституирано, но нема согласност за избор на претседател на законодавниот дом.
Во Дебар се жалат дека поради политичката криза општината не може да распише огласи за продажба на градежни парцели за изградба на куќи, станови и стопански објекти. Градоначалникот Ружди Љата вели дека во буџетот за 2017 година планирале да обезбедат речиси 90 проценти од приходите токму од продажбата на градежно неизградено земјиште. Тој се жали дека неколку месеци не може да распишуваат конкурси за продажба на земјиште.
„Ние најголема потреба имаме за проекти за градби кои нема каде да ги верификуваме и каде да добиеме дозвола. И во институциите на кои сме упатени нема кој да потпишува и како да ги потпишува. Сите проекти се одложени и ситуацијата е статус кво“, вели Љата.
Дамајновски упати обвинувања и кон институциите, велејќи дека во нив гледа продолжена рака на власта. УЈП и МВР ги држат во свои раце опозициските општини, вели тој.
„Ние општините од опозицискиот блок сме изложени на големи притисоци, пред сè од УЈП, Ревзијата и МВР. Во последните денови окупирани сме од блокади на УЈП стари неколку години и постојана контрола од ревизии, а МВР постојано нешто истражува“, вели Дамјановски.