Достапни линкови

Мнозинството граѓани сметаат дека СДСМ треба да формира влада


Архивска фотографија - Годишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Архивска фотографија - Годишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Резултатите од анкетата на НДИ покажуваат дека граѓаните сакаат институционална разврска на кризата и дека поголемиот процент сметаат дека СДСМ и коалициските партнери имаат право да формираат влада. Од ЕУ, пак, повторно стигнаа пораки претседателот Ѓорге Иванов да го даде мандатот.

Повторно од Европската унија стигнаа остри пораки до македонските политичари. Овој пат од дебатата на Европскиот парламент во Стразбур известувачот за Македонија Иво Вајгл во воведната резолуција како директни виновници ги посочи ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Ѓорге Иванов.

„Парламентот не може да биде формиран поради систематски опструкции на ВМРО-ДПМНЕ и однесувањето на претседателот Ѓорге Иванов. Неговото однесување беше критикувано од ЕУ, САД и НАТО. Позицијата на Иванов само ја открива неговата партизираност“, рече Вајгл.

Ваквите ставови изнесени во резолуцијата се совпаѓаат со резултатите од испитувањето на јавното мислење спроведено од 17 до 21 март од американскиот Национално-демократски институт НДИ.

Според резултатите 15,6 отсто од испитаниците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ е најодговорно за моменталната политичка ситуација во Македонија, а 14,7 отсто дека претседателот Иванов е најодговорен.

Формирање на Влада во Собранието од мнозинството пратеници според речиси 33 отсто од испитаниците е излез од моменталната политичка криза, а околу 21 отсто сметаат дека тоа се нови парламентарни избори.

51,4 отсто, пак, сметаат дека СДСМ и коалициските партнери имаат право да ја предводат Владата , а 30,3 дека немаат. Околу 40 отсто од граѓаните сметаат дека формирањето Влада од мнозинството пратеници е легитимно и без претседателот да го додели мандатот, а 34 проценти имаат спротивно мислење.

Од резултатите може да се препознае дека граѓаните преферираат институционална разврска, коментира политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

„Мислам дека за сите граѓани преферираната разврска е институционалната за да се одржи нивото на политичка култура и свест“ вели Муслиу.

Во име на Европската комисија комесарот за меѓународна соработка и развој Невен Мимица синоќа повторно побара од Иванов да ги почитува резултатите од изборите и да дозволи функционирање на демократијата, а слична порака испрати и Јан Борг во името на Советот на ЕУ. Претседателот, пак, засега останува на ставот дека нема да ја смени одлуката.

„Да се надеваме дека разумот и државничката одговорност ќе надвладеат кај претседателот над партиските афилијации и тоа што го прави за тие кои го номинираа за функцијата претседател“, вели Муслиу.

Анкетата на НДИ покажува и дека испитаниците Европската унија ја сметаат за фактор кој најмногу им помага на националните интереси на Македонија. Така мислат околу 40 отсто од испитаниците, втори се САД со 18,2 отсто, а трета е Русија со 10,5 проценти.

Иако веќе шест недели има протести на иницијативата „За заедничка Македонија“ чие главно барање е повлекување на платформата на партиите на Албанците, дури 81 отсто од испитаниците во анкетата рекле дека не ја прочитале платформата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG