Потребна ни е Бриселска платформа, изјави претседателот на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија Исмет Рамандани на денешното одбележување на „Денот на НАТО“, односно на одбележувањето на 60-годишнината од основањето на НАТО во Скопје. Тој упати порака до сите поддржувачи на евроатланската интеграција кои се вработени во институциите, кои се дел од организациии или активисти, да ги споделуваат демократските вредности и со тоа да не остават простор за ширење на антивредностите, на криминалот и на корупцијата.
„Морам да ви кажам дека нашата интенција и нашите цели се само во едно, ако ние целиме кон евроатланската интеграција, значи ние имаме една заедничка платформа. Таа е Бриселската платформа, членство во НАТО и членство во ЕУ“, заклучи Рамадани.
Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, пак, изјави дека недозволувањето на парламентарното мнозинство да формира влада не е во согласност во демократските принципи и со Уставот.
„Вие имате Парламент каде за сите овие прашања може да се дискутира. Но важно е да се продолжи и со процесот на формирање на Владата. Ако тоа не се случи, тоа значи застој, значи одлуки кои нема да се донесат, проекти кои нема да се завршат и на крајот граѓаните ќе треба да одлучат дали тоа е она што сакаат нивниот Парламент и нивните политички лидери да прават“, посочи Бејли.
Бејли додаде дека вратите на НАТО остануваат отворени за оние кои се подготвени да ги прифатат заложбите и обврските од членството, а како потврда на таквата политика е неодамнешното гласање во американскиот Сенат за ратификација на одлуката за прием на Црна Гора во НАТО.
Капетан Горазд Бартол, шеф на канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, вели дека последната изјава на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за Македонија не значи дека Алијансата се меша во внатрешните работи на земјата, ниту дека зазема страни, туку дека посочува на спроведување на демократските вредности за кои се залага.
„Имајќи ги предвид резултатите од изборите на 11 декември, сега одговорноста е на сите политички лидери да го почитуваат признаениот исход од изборите и да најдат начин да го одблокираат демократскиот процес и брзо да пристапат кон формирање на Влада, со фокус на итните реформи“, вели тој.
Бартол изрази надеж дека на пред самитот на НАТО во мај ќе сопрат негативните трендови и дека земјата е повторно на патеката во вистинскиот правец.
Хрватската амбасадорка во Македонија, која е и контакт амбасадор за НАТО, Данијела Баришиќ изјави дека е потребно поголемо внимание на Југоисточна Европа. Таа објаснува дека Хрватска е свесна дека сите земји во Западниот Балкан имаат свои специфични проблеми и дека не може да се спроведат истите рецепти за сите, но е неопходно да создадат поволни услови за сите земји да се придвижат напред.
„Вие може да имате пријатели и партнери кои можат да ви помогнат, но тие не можат да ја завршат работата за вас. Тие може да ви помогнат да ги избегнете нивните грешки. Но за тоа мора да бидеме партнери и да се слушаме меѓусебно, за да може да се потпреме еден на друг. Бидете упорни и завршете ги вашите домашни задачи конј исполнување на евроатласнката цел, верувајте вреди да се направи тоа“, порача Баришиќ.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски изјави дека евроатланската интеграција за Македонија останува врвен приоритет. Тој посочи дека Македонија изградила армија достојна за почит, која за време на мигранстката криза ги покажа своите професионални способности во справување, а дополнително ќе се набавува и нова опрема.
„ На самитот во НАТО, беа поставени два критериуми. Два проценти од БДП да се троши за одбрана и 20 проценти од овој буџет да се троши за модернизација. Македонија успеа еден од двата услова да го исполни, отстапувајќи 20 проценти од нашиот буџет да се троши за модернизација и од оваа година почнавеме да имаме и зголемување на буџетот за одбраната“.