Достапни линкови

Гласни пораки до „глуви“ политичари?


Средба на претседателот Ѓорѓе Иванов со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Средба на претседателот Ѓорѓе Иванов со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

Најавената посетата на Туск е последна во низата на меѓународни претставници кои во Македонија дојдоа да ја испратат пораката за побрзо решавање на политичката криза. Но, според експерите, Иванов и Груевски повторно ќе останат глуви на пораките.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск в понеделник ќе се сретне со претседателот Ѓорѓе Иванов, а повод за неговата посета на Македонија е политичката состојба, мигрантската криза и улогата на земјава во справувањето со неа. Во рок од неколку месеци Македонија ја посетија повеќе меѓународните претставници како еврокомесарот Јоханес Хан, шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини, а ова ќе биде трета посета за две години на Туск.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски вели дека која и да биде пораката на Туск во однос на решавање на политичката криза не верува дека Иванов ќе го промени своето мислење, иако посетата е добредојдена со цел охрабрување за формирање на нова влада. Според него, Туск се обраќа и на погрешна адреса, односно наместо со Иванов, тој треба да се сретне и со лидерите на политичките партии и да изврши притисок врз претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од кого зависи ситуацијата.

„Не очекувам дека кој било политичар во светот би можел да влијае на однесувањето на Иванов и Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ во целина. Не само на нив двајцата. Груевски ја предводи партијата, меѓутоа таму се уште не постои ниту еден човек со различно мислење од лидерот и пораките коишто би ги упатиле светските државници до нашите лидери од таа страна се можеби недоволни. Тие имаат различни механизми како да порачаат дека нешто во Македонија мора да се менува. Меѓутоа добри се сите посети на странските претставници коишто треба да ги охрабрат луѓето кои имаат парламентарно мнозинство да истраат на патот да бидат трпеливи и внимателни и чекор по чекор полека да се обидат да ја формираат владата“, смета Дујовски.

Генералниот потсекретар на Обединетите нации и Администратор на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП, Хелен Кларк во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе се емитува в недела вели дека понекогаш е потребно повеќе време да се формира влада.

„Од гледна точка на Обединетите нации, ние навистина би сакале да видиме брза разрешница на кризата во согласност со уставниот поредок, бидејќи гласачите очекуваат нивната волја да биде испочитувана. Секако оваа земја има аспирации за членство во Европската унија и НАТО. Европската унија сака да види дека сите изборни закони се почитуваат за време и по изборите. Така што, во интерес на земјата е да најде излез од политичката криза што е можно побрзо во согласност со уставниот поредок“, порачува таа.

Европската народна партија на конгресот во Малта, на кој присуствуваа и Груевски и Туск, усвои нацрт резолуција за Западниот Балкан, со која се повикуваат политичките лидери да избегнуваат радикална реторика и дејства кои ги поткопуваат мирот и стабилноста. Во неа се повикува и на зајакнување на процесот на декриминализација на политичкиот естаблишмент, како и земјите да ги зголемат напорите во борбата со корупцијата на сите нивоа.

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел пред два дена изјави дека неговата земја смета оти Иванов треба веднаш да го даде мандатот за влада и да се стави крај на блокадата во Македонија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG