Достапни линкови

Патоказ за продлабочување на кризата


СДСМ и останатите партии од албанскиот блок кои се дел од парламентарното мнозинство го отфрлија патоказот на ВМРО-ДПМНЕ. Според партиите, не може ВМРО-ДПМНЕ, која е виновна за политичката криза, во земјата да биде дел од нејзиното решавање.

Патоказот на ВМРО-ДПМНЕ за излез од политичката криза не е прифатлив ниту за СДСМ, ниту за останатите партии од парламентарното мнозинство. Од ВМРО-ДПМНЕ вчера го презентираа патоказот во кој се наведени пет точки во прашална форма со цел како што соопштија, пронаоѓање одржливи решенија. Точките се однесуваат на праксата за коалицирање победник со победник, потоа дали се прифатливи странските агенди, како што велат во внатрешно политички цели, како и дали изборот на претседател на Собранието треба да биде од коалицијата или од партијата победник и дали сите политички актери се за задржување на мултиклутурниот модел и дали приоритет е стабилизацијата на земјата или тоа треба да се замени со редифинирање на односите меѓу заедниците.

Рафиз Алити од ДУИ вели дека патоказот кој го предлага ВМРО-ДПМНЕ ќе придонесе Македонија да западне во изолација и на политички и на економски план, што според него ќе претставува самоубиство на земјата и не е во интерес на граѓаните. Тој посочува дека патоказот е обид на ВМРО-ДПМНЕ да се спаси себе си од она што следува.

„Мислам дека тој патоказ апсулутно не е за да излезе земјата од политичката криза, напротив ако тоа се прифати од другите политички субјекти, земјата ќе влезе во подлабока криза. Тоа е обид да се сврти вниманието дека ВМРО-ДПМНЕ има платофрма која им ја нуди на граѓаните и на политичките елити за земјата да излезе од криза, што не е така“, смета Алити.

Од БЕСА истакнуваат дека тие што се главни виновници за кризата не се достојни да предложат решавање на истата.

„Тие што државата ја доведоа во оваа состојба и што се уште ја држат во заложништво не заслужуваат внимание ниту треба да се сфатат сериозно. Се што имаа да предложат и прават го направија во текот на нивното владеење чии последици ги трпиме и ден денес“, посочуваат од БЕСА.

Од Алијансата за Албанците реагираат дека нема ниту странски, ниту агенди и платформи на странски држави.

„За жал, ВМРО-ДПМНЕ се однесува параноидно. За да се реши актуелната политичка криза на ВМРО-ДПМНЕ и треба само да го почитува Уставот на Република Македонија. Ако се почитува Уставот многу брзо ќе има претседател на Собрание и нов премиер на земјата позади кој стојат 67 пратеници“, велат од партијата.

Со новата реформска влада, како што посочуваат од алијансата, ќе продолжи евроатланскиот пат на Македонија, а сите тие што ја злоупотребиле власта треба да одговараат без оглед на која партија, националност и вера припаѓаат.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов по презентирањето на платформата вчера изјави дека ниту лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ниту партијата повеќе не се фактор на одлучување во Македонија.

„Политичарите како Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ коишто ги создадоа проблемите, не можат да бидат дел од решението. Затоа, порачуваме, ВМРО-ДПМНЕ да се помири дека е опозиција, да престане да ги кочи демократските процеси и да го почитува граѓанскиот договор. Во Македонија ќе има нова реформска Влада на граѓаните, без Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, порача Шилегов.

Груевски го најави патоказот пред десетина дена.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG