ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена сака да ја опструира работата на Собранието со цел да не се избере претседател на законодавниот дом, велат експертите. Конститутивната седница на Собранието продолжи вчера, но поради постојаните меѓусебни реплицирања на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се одолговлекува изборот на Комисијата за избори и именувања, а со тоа и точката за избор на спикер на Парламентот.
Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов вели дека во намерата на ВМРО ДПМНЕ за одолговлекување на процедурите им помага и спикерот на законодавниот дом, Трајко Вељаноски, кој им дава слобода во толкувањето на Деловникот, но добро е што од партијата, според него се решиле по парламентарен пат да се разрешува кризата.
„Меѓутоа по мое мислење претставниците на парламентарното мнозинство треба да ги овозможат сите тие продецурални можности да не сметаат и да се исцрпат сите приговори, предлози и идеи на ВМРО ДПМНЕ и да дојде до гласање за Комисијата и за претседателот на Собранието“, смета Андов.
Поранешниот пратеник Исмет Рамадани вели дека препознатливо е веќе однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ за спречување на процедурите во Собранието, кои би овозможиле избор на претседател на законодавниот дом.
„Тие веројатно знаат дека после тоа де факто ќе се утврди мнозинството во Собранието и тогаш претседателот на државата не може да маневрира многу и ќе биде во ситуација кога тешко ќе може да се одлучи да не го даде мандатот на лидерот на опозицијата Зоран Заев“, смета Рамадани.
Андов посочува дека единствениот избор за парламентарното мнозинство е сега да побараат од Вељаноски продолжување на работата на Собранието.
„Вака како што тие работат навистина ќе им треба 25 дена, што е многу. Меѓутоа за тоа како ќе се работи не одлучува претседателот, туку одлучува парламентарното мнозинство. Затоа треба парламентарното мнозинство да предложи, а Вељаноски мора да го даде на изјаснување како ќе се работи во оваа ситуација и да работат два, три пати повеќе отколку сега и така ќе се скрати тоа одлагање на едно десетина дена“, вели Андов.
Рамадани додава дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму играат на картата дека опозицијата ќе сфати оти мора да се оди на нови избори.
„ВМРО ДПМНЕ и раководството нивно и понатаму како да имаат некоја лоша намера и цел сиот проблем да премине во меѓуетнички конфликт или судир“, посочува тој.
Пратеничката група на СДСМ со цел да се деблокира процесот го предложи пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, за нов спикер на Парламентот, но наиде на негодување од БЕСА, која не се согласува со изборот, бидејќи како што соопштија од партијата неговата кандидатура била наметната.
Од СДСМ велат дека остануваат на предлогот за избор на Џафери, кој веќе е поднесен во Собранието и повторуваат дека ќе ги искористат сите законски можност за да се деблокира неговата работа.
СДСМ заедно со ДУИ и Алијансата за Албанците имаат вкупно 62 пратеника, односно мнозинство за избор на Џафери.