Достапни линкови

Одблокирањето на Собранието нема да мине без опструкции


Архивска фотографија - Собраниска седница.
Архивска фотографија - Собраниска седница.

Се направи еден чекор за да почне Парламентот да функционира, но до конечен избор на прв човек на иституцијата, за да може Собранието да работи, ќе има многу пречки. Познавачите велат дека целта е да се одолговлекува процесот, за да се доведе во прашање функционирањето на СЈО.

Изборот на претседател на Комисијата за избори и именување е чекор напред кон откочување на демократските процеси, но ќе има опструкции, вели Тито Петковски, поранешен претседател на Собранието, во очекување да заврши конституирањето на Парламентот со избор на нов претседател. Прашањето дали процесот на целосно конституирање на Собранието и избор на претседател на Собранието ќе заврши наредната недела останува отворено, зашто новиот претседател на Комисијата, Илија Димовски, најави дека в понеделник ќе се гласа само за избор на Комисијата, додека процесот за утврдување предлог за претседател на Собранието допрва треба да почне.

Петковски објаснува дека, според досегашното искуство, утврдувањето на предлогот за претседател на Собранието било во истиот ден кога се одвивал и изборот на пленарна седница, иако процедурата што ја објасни Димовски е предвидена во Деловникот.

„Верувам дека опструкции ќе има, но не се значајни. Тоа треба да се истрпи, ќе одолговлекуваат. Нивната цел е многу јасна - да се доведе во прашање функционирањето на СЈО до јуни, дотогаш ако може оваа работа да се развлекува и да се одолговлекува процесот“, изјави Петковски.

Неговата изјава уследи откако Илија Димовски постигнатиот договор го толкуваше како признание на СДСМ дека се втора партија во Собранието, наведувајќи дека сите можности се отворени ако Социјал- демократите се обидуваат, како што рече, со постизборна измама да наметнуваат нови правила во Собранието. Од СДСМ велат дека нивната интенција била да се откочи Собранието и оваа институција конечно да профункционира.

Од ДУИ велат дека од понеделник кога претстои и состанокот на Комисијата и изборот и предлагањето на претседател на Собранието ќе се види кои се намерите на ВМРО-ДПМНЕ.

Зекирија Ибраими од БЕСА вели дека е направен чекор напред во однос на откочување на институциите, но не верува дека нема да има опструкции.

„Претседателот е надлежен за свикување на седниците, за доставување на предлогот до Собрание за претседател на Собрание, значи дека има простор каде тие може да го опструираат процесот“, изјави Ибраими.

Како што објаснуваат упатените, првите попречувања може да се направат од понеделник со тоа што претседателот ќе тактизира кога да ја свика седницата на Комисијата. Според Петковски, целта е да се одолговлекува комплетното конституирање на Собранието за да не може да носи закони и одлуки и да дојде оној критичен период кога ќе треба да продложи важењето на законот на СЈО.

Петковски не исклучува на седниците на Комисијата членовите да зборуваат по една точка на предлог на претседателот и по неколку денови, а кога ќе се отвори дебата во Собранието сите членови да зборуваат зошто нема да го поддржат кандидатот за претседател на Собранието, бидејќи, како што вели, не верува дека ќе дојдат до единство околу изборот на кандидатот за претседател на Собрание.

„Тие ќе се обидуваат на секој можен начин да прават опструкции, но има деловнички механизми работата да се истурка. Според Деловникот, се одлучува со мнозинство гласови. Во Деловникот на седниците е дозволено да се зборува 10 минути. Ако не сака Комисијата да утврди кандидат за претседател на Собранието, тогаш 20 пратеници предлагаат и Собранието гласа. Се отвора дебата по предлогот на 20 пратеници“, вели Петковски.

Според Деловникот на Собранието оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник. Конститутивната седница на Собранието почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината со оглед дека не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG