„Иванов во Азербејџан, Димитриев во Сараево, Попоски во Виена“ – оди со наслов Утрински, што како да ни испраќа порака дека во државава е сè потаман. Но, во отсуство на претседателот на државата таа функција ја извршува претседателот на Собранието, а ние го немаме. Колку и да се затвораат очите – земјава е блиску до хаос.
Дневник информира за „Трета недела граѓански протести – „За заедничка Македонија маршираа 31 град“. Вечер има полни страници со информации за протестите во Скопје, Битола, Прилеп, Кочани, Делчево. Дневник објавува и текст за книга од Петрит Менај, инаку учесник во конфликтот во 2001-та, под наслов: „Славомакедонците не знаат што се – Срби, Бугари или нешто друго?“, објавена уште во 2008-та од Соросовата фондација во земјава, што ја користи како доказ дека стратегијата за национално обединување на Албанците и двојазична Македонија се стари и потекнуваат уште од 2001-та.
Од друга страна, Утрински информира дека во главниот град, по неодамна објавените некролози за неколкумина амбасадори и странски дипломати, осамнале летоци во вид на „потерници“ во кои пратеници и функционери на СДСМ се обвинуваат за предавство. „По објавените некролози, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да создава атмосфера на омраза и линч кон сите оние што се неистомисленици со Груевски“, реагира СДСМ со соопштение, објавува весникот.
Сите печатени медиуми објавуваат дека „Хан доаѓа во вторник да го убедува Иванов“, како што наслови Слободен печат. „Додека Иванов го „чува“ мандатот, се договара спикер“, оди со наслов Утрински кој во друго издание информира: „СДСМ се надева на брза седница, ДУИ бара согласност и од ВМРО-ДПМНЕ“.
За истава тема, Вечер го има следниов наслов: „СДСМ прави план да влезе во Собранието и да формира Влада без мандат!“, а Нова Македонија дообјаснува: „ВМРО-ДПМНЕ и понатаму на истиот став: Заев да се откаже од тиранската платформа“.
И Слободен печат и Утрински информираат дека „Повторно се нападнати новинари на протестите „За заедничка Македонија‘“, и тоа втор пат репортерите на Телевизија 24.
Истиот весник објавува и дека „Македонија е под истрага за европските пари за земјоделството?“, дообјаснувајќи дека Европската комисија во јуни ќе испрати тим ревизори со цел да извршат проверка на ИПАРД-програмите од 2007 до 2020 година.
Вечер, пак, го објавува истражувањето на некоја агенција со име ’Балкан аналитик груп‘ која открила дека Струмица била најкорумпираната општина во Југоисточна Европа со 100 милиони евра проневерени за десет години. И, како не помалку важно, за случајот Кочан. „Решението за притвор на Кочан во рацете на Апелација – За СЈО Кочан е во бегство, за неговата одбрана е дискриминиран“, оди со наслов Нова Македонија. Инаку Кочан, според неговиот адвокат, не бил избеган од земјава, туку на службен пат во странство.