Достапни линкови

Политичка манипулација со Илинден


Манифест на иницијативата „ За заедничка Македонија“
Манифест на иницијативата „ За заедничка Македонија“

Историчарите и политиколозите повикуваат да не се настојува да се искористуваат историските датуми за политички цели кои немаат никаква врска со изворните определби. Тие велат дека на тој начин само се разгоруваат страстите и се манипулира со емоциите на граѓаните.

Аналитичарите повикуваат да не се злоупотребува историјата за политички цели, укажувајќи дека на тој начин само се разгоруваат страстите и се манипулира со емоциите на граѓаните. Тие велат дека политичката криза во земјата се рашава на поинакoв начин, а не со политизирање на настани и личности од македонската историја.

На вчерашниот протест пред Собранието демонстрантите од инцијативата "За Заедничка Македонија" прочитаа „Манифест на четвртиот Илинден“ во кој како што рекоа е обелоденето дека Македонците го креваат гласот за слободна, независна и демократска Македонија и дека целиот свет треба да ја слушне маката и содржината на „тиранската платформа“. Професорот Лазар Лазаров вели дека проблемите треба да се решаваат во институциите, а не на улиците.

„Не само што се политизираат, туку и се злоупотребуваат датумите. Кој е тој 4-ти Илинден? Што сака да се постигне и од кого да се брани Македонија кога и ЕУ и САД и Германија и Франција и.т.н. рекоа дека антиуставно е кога имаш мнозинство да не дозволуваш да се формира Влада. Наместо да се смират работите, да се решаваат со дијалог и по мирен пат тие уште повеќе ги заоструваат односите. Пак повикувам дека работите треба да се решаваат со разговори“, вели професор Лазаров.

Професорот Тодор Чепреганов кој беше поранешен директор на Институтот за национална историја пак, вели дека сосема е нормално во кризни моменти да има повикувања на датуми од минатото.

„Тоа се датуми кои останале во колективната меморија како датуми и кои обединуваат како Илинден, АСНОМ, 9 ти септември. Тоа е нераскинлива врска на минатото и сегашноста“, вели Чепреганов.

Но, дел од историчарите прецизираат дека иконографијата што ја гледеме денес не е дел од историските датуми со кои се сака таа да се поврзе. Тие велат дека многу е лошо ако политиката ги политизира историските настани за постигнување на одредени цели.

"Илинденското востание е израз на интересите на македонскиот народ да создаде рамноправна држава на Балканот еднаква со соседните држави. Тоа создава програмска основа на целокупното македонско движење по 1903 година се до АСНОМ и тоа и денес се настојува да се искористи за политички цели кои немаат никаква врска со изворните определби на Илинденското Востание. Такви манифести се пишувани и меѓу двете војни, а тоа се манифести на ентузијасти со сопствени политички гледишта кои немаат врска со изворните интереси на македонскиот народ", изјави Академик Иван Катарџиев.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG