Можноста СДСМ и ДУИ да формираат влада преку Парламентот е поизвесна отколку останувањето на Никола Груевски на власт, оценува политичкиот аналитичар на „Економист“, Тим Џуда. Џуда кој долго време го следи и пишува за Балканот, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека Брисел може да помогне, но не може да го реши проблемот ако не помогнат македонските политичари и предупредува дека не треба да се дозволи политичката криза да прерасне во меѓуетнички конфликт.
Националистичката реторика на ВМРО-ДПМНЕ, гласните анти-Сорос кампањи и критиките кон големите сили од западот според Џуда се обид да се остане на власт по секоја цена. Сепак, коментира дека за разлика од други држави како Унгарија каде партијата која следи таква реторика е на власт, во Македонија на ВМРО-ДПМНЕ тешко дека оваа тактика ќе му помогне да се врати на власт.
„Мислам дека други сценарија ќе се остварат. Главно, планот Б, односно она за кое говореа Заев и Ахмети- формирање влада преку парламентот и игнорирање на претседателот. Мислам дека тоа е поверојатно отколку Груевски да остане на власт, бидејќи тој во моментот не може да остане на власт“, вели Џуда.
Критичната реторика и обвинувањата дека меѓународната заедница е виновна за кризата во Македонија и тапкањето на државата во место се неосновани според Џуда, бидејќи смета дека Брисел има направено големи напори да ги поттикне македонските политичарите да прифатат реформи за да се забрза евроинтеграцијата на државата. Оценува дека Брисел може да е заморен од односот и ситуацијата во Македонија, но и покрај тоа и другите проблеми со кои се соочува, ЕУ веројатно ќе продолжи да работи на смирување на кризата во Македонија.
„Многумина велат дека ова е голем тест за ЕУ, за НАТО и општо за Западот, но мислам дека имаше многу обиди, особено од ЕУ во текот на годините да се натераат македонските политичари да се согласат на некои работи и да се напредне на патот кон европската интеграција. Сметам дека во Брисел каде имаат многу други проблеми, има некава замореност од Македонија. Мислам дека не е фер да се обвинува ЕУ и други луѓе за проблемите на Македонија “, коментира Џуда.
Според него и покрај политичката криза, ситуацијата на меѓуетничко ниво во Македонија се уште е релативно смирена и нема на повидок нов меѓуетнички конфликт. Сепак, потенцира дека кризата треба што побрзо да се надмине бидејќи нејзиното продолжување е ризичен политички потег.
„Ова е веќе игра на чекање и нерви. Мислам дека тоа е опасно. Ако се пролонгира [кризата] тоа може лесно да стане меѓуетнички проблем. Но, за сега не е дојдено до тоа“, посочува тој.
Ако политичарите дозволат кризата да стане меѓуетнички конфликт, според Џуда тогаш македонскиот проблем може да се прелее на Балканот и да предизвика проблеми и дестабилизација и кај другите балкански држави.
Подготви: Миркица Поповиќ