Достапни линкови

Тактизирања и страхувања околу собраниската седница


Архивска фотографија-седница на Собранието на Република Македонија
Архивска фотографија-седница на Собранието на Република Македонија

Од СДСМ денеска брифираат дека консултациите се во тек и дека штом ќе се постигнел договор веднаш ќе побарале од претседателот Трајко Вељаноски да свика седница. Според аналитичарите, тензиите ќе се зголемеле кога ќе се гласа за Владата.

По изјавата од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов дека пречките за определување мандат се уште не се отстранети, се поизвесно станува дека тој нема намера да ја преиспита одлуката и дека работата се префрла во Собранието. Претседателот на СДСМ Зоран Заев деновиве изјави дека ќе се обиделе во текот на оваа седмица со партиите што ги дадоа потписите да свикаат седница.

Од СДСМ денеска кратко брифираат дека консултациите се во тек и оти штом ќе се постигнел договор веднаш ќе побарале од претседателот Трајко Вељаноски да свика седница.

Според деловникот на Собранието, претседателот може да свика седница и по барање на најмалку 20 пратеници. Деловникот предвидува и „доколку првата седница не ја свика претседателот на заминување, таа да се одржи на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, а ја свикува највозрасниот избран пратеник“. Во сегашниот парламентарен состав тоа е Бранко Манојловски од ДУИ.

Можно е Вељаноски да тактизира со свикувањето на седницата, но тоа не може долго да трае, смета Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, посочувајќи дека во тој случај би ја свикал на највозрасниот пратеник.

Гаџовски не очекува посериозни инциденти на седницата на која ќе се избира претседателот, туку на таа кога би се избирала владата.

„Мислам дека не би требало да дојде до поголема ескалација на работите во однос на тоа што демонстрантите се секој ден пред собрание и дека тие би влегле внатре. Мислам дека би имало повеќе тензија внатре меѓу пратениците и мислам дека ВМРО-ДПМНЕ на секој начин ќе се обидува да го спречи формирањето на Владата“, вели Гаџовски.

Во меѓувреме, иако не е потврдено од кабинетот на Иванов, претседателот ќе замине на патувања првин на 16 и 17 месецов во Азербејџан, па потоа кон крајот на месецов и во Австралија на средби со македонската дијаспора.

Тој по седницата на собранието по која претседателот треба со допис да го информира дека имаат мнозинство има рок од десет дена да го даде мандатот на мнозинството. Според членот 90 од Уставот, претседателот на Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Истовремено, протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ продолжуваат веќе трета недела и пред да стигнат до собранието, попатно застануваат пред канцеларијата на претседателот да му се заблагодарат и да му дадат поддршка за да одолеал на притисоците.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG