И натаму се во тек консултации за свикување на собраниска седница и наскоро се очекуваат поместувања во таа насока, брифираат денеска од СДСМ, но не откриваат кога тоа ќе се случи.
Околу стратегија за повторно функционирање на сите државни институции, синоќа на средба разговараа лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети. По средбата, Ахмети истакна дека за продолжување на конститутивната седница во Собранието треба да се разговара со сите политички сили и да се постигне согласност со главните политички партии.
Средбата доаѓа откако претседателот на Македонија Ѓорге Иванов го повтори својот став дека и натаму не се надминати пречките за доделување на мандат за нова влада.
Потпретседателот на ДУИ Изет Меџити, пак, смета дека оваа недела ќе биде свикан Парламентот. Во изјава за Радио Слободна Европа тој наведува дека не е проблем конституирањето на Собранието, туку начинот на кој ќе биде формирана Владата.
Неизвесности околу иднината на Македонија
И додека Македонија и натаму се соочува со долготрајната политичката криза, а истовремено во јавноста се шират стравувања од тензии и инциденти, претседателот на државата Иванов е во посета на Азербејџан.
Претседателот на државата во моментов е единствена институција со полн политички легитимитет, бидејќи премиерот на државата Емил Димитриев има технички мандат, а претседателот на Собранието Трајко Вељаноски е во заминување од функцијата.
Оваа состојба, како и однесувањето и говорите на високи политички функционери можат да доведат до многу неизвесности за Македонија, коментира универзитетскиот професор и поранешен шеф на военото разузнавање Владимир Пивоваров. Кога ќе почнат инцидентите, нема да има крај, вели тој.
„Почнаа полека во автобусите да се случуваат тепачките, почнаа да се случуваат инциденти со новинарите и тоа во многу голем број, а од друга страна нема реакција на тие што би требало да се оградат од таквото однесување“, вели Пивоваров.
Сето ова Македонија може да ја однесе во непосакуван правец и многу да ја оддалечи од Европската унија и НАТО, додава тој.
„Со ваквото однесување ниту се сака да се оди во ЕУ, ниту во НАТО. Демократијата е погазена, човековите права и слободи се доведени во невидена ситуација, гледате како реагира судството. Тоа е еден механизам кој е узурпиран и кој само така ќе постапува и не може да се очекуваат реформите (на Прибе) во кои сите се крстеа“, вели Пивоваров.
Тој заклучува дека спроведувањето на реформите во земјава не можат да се случат, бидејќи на никому не му одговараат.