Достапни линкови

Политизација наместо образование


Директорите не смеат ни да помислат да упатуваат политички пораки во училиште, велат аналитичарите. Според нив, најопасно е што политичката индоктринација врз младите на крајот завршува со инциденти.

Во образованието има сериозна потреба од санкцинирање на раководителите поради политизација на учениците, велат упатените. Тие се категорични дека само со обелоденување на проблемот со политичките пораки во училиштата, без понесување одговорност, не e доволно за политизацијата да излезе од училиштата.

До овие коментари доаѓа откако директор на прилепска гимназија, со политички говор ги убедувал учениците да излезат на протестот „За заедничка Македонија“, Меѓуотоа, учениците го снимиле и го објавиле неговиот говор на социјалните мрежи.

Поранешниот министер за образование Ненад Новковски вели дека директорите не смеат воопшто ни да помислат организирано да дејствуваат врз учениците и оти со тоа ги погазиле законските одредби.

„Постојат законски обврски, тоа апсолутно не смее да се случува и надлежните тоа треба да го контролираат во секој момент, како што се занимаваат со многу работи кои се далеку помалку значајни, да санкцираат, да праќаат инспекции постојано по училиштата и факултети. Ова е работа која е очигледна и треба веднаш да биде санкционирана. Работа е на министерот веднаш да ги санкционира тие директори кои ги повикале учениците да учествуваат во политички активности“, изјави Новковски.

Тој додаде дека во овој случај се работи за навики кои биле вкоренети од претходниот период кога идеологијата била дел од системот. Тој забележува дека во последните години тоа однесување повторно се развива.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет во коментар за политичката агитација во училиштата вели дека тие неколку пати се обраќале до надлежните за случаи на индокринација на деца, но нивните писма останале без посериозен одговор. Младите луѓе многу често се злоупотребуваат за политики цели во време на избори, по избори и во момент на протести, вели Пировска.

„Ние во сите случаи сме се обраќале и до просветниот инспекторат и до директорите. Често се случувало да се престане со тавите активности но реален исход, односно инспекциски надзор кој би завршил со санкција не сме забележале досега. За училиштето во Прилеп сега се обраќаме до просветниот инспекторат. Ако не се преземат мерки може да поднесеме и кривична пријава. Но, она што е клучно е дека државата фактички ги охрабрува ваквите постапки наместо да ги спречува“, вели таа.

Пировска додаде дека тие што трпат од оваа неказнивост на политизацијата се младите луѓе.

„Најопасно е кај нив што таа индоктринација на крајот завршува со инциденти, телесни повреди и насилство. Индокринацијата е најмногу врз етничка основа. Голем проблем беа инцидентите во 2013 година кога имаше инциденти на автобуските постројки, а се случуваше пред изборите во 2014“, вели Пировска.

Пред повеќе години се случуваше многу често децата да бидат дел од изборна кампања со нивно појавување на билборди. Имаше и доста пријави на родители кои се жалеа дека на часови професорите им зборуваат на учениците за одредена политичка опција. Многу често агитација се врши и пред училиштата со оглед дека во малите места училиштата се и избирачки места.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG