Достапни линкови

Политичка партија - најпрофитабилен бизнис


Во услови на чести појави на злоупотреби на општествениот капитал од страна на политичките партии откако ќе ја освојат власта, можностите на демократските општества против тој феномен се да создадат предуслови за функционална демократија, каде ќе се настојува кон доследна примена на поделба на власта, коментираат експерти.

Во политичката наука политичките партии се окарактеризирани како групи луѓе со иста политичка идеологија и интереси, обучени со цел вршење политички активности најчесто за освојување и вршење на државната власт.

Активностите за освојување и вршење на власта во демократските општества се во облик на демократско-парламентарна борба, односно освојување на власта по добиено мнозинство на избори и вршење на истата додека тоа мнозинство трае.

Во Република Македонија од воспоставувањето на независноста и плурализмот политичките партии власта ја освојуваат по парламентарен пат, но во изборните процеси имало бројни злоупотреби.

Исто така во пракса бројни примери покажуваат дека партиските претставници ја освојуваат власта, стануваат државни функционери и потоа за себе присвојуваат од општествениот заеднички имот.

Последните истражувања на антикорупцските организации покажуваат дека граѓаните на Македонија сметаат дека корупцијата е еден од најзначајните проблеми во државата.

Македонија не е единствен пример каде по дефиниција непрофитната организација станува средство за стекнување големи профити. Самите лидери на најмоќните партии меѓусебно се обвинуваат за злоупотреби, за криминал и корупција.

Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски вели дека проблемот е повеќеслоен и поврзан со внатрешната демократизираност на политичките партии, но и со перцепцијата на јавноста кон злоупотребите на функционерите и нивното (не)казнување за девијациите кои ги промовираат. Резултатот од сето тоа е моменталната ноповолна состојба, вели тој зборувајќи за случувањата во земјава.

„Парламентот е тотално исклучен, тој како воопшто да не постои, а знаеме дека мандадот граѓаните го доверуваат токму таму. Таму немаме никакво случување, туку се е изместено надвор, некаде настрана. Тоа значи кога е конституиран парламентот релативно е маргинализиран во однос на извршната власт, која пак комплетно е окупирана од партиската власт. Тука дополнителен проблем е немањето здрав цивилен сектор, односно невладини организации и медиуми кои можат и се очекува да бидат силен коректив на девијациите“, вели Малиновски.

Политикологот Исмет Рамадани, кој има искуство со работа во политичка партија, објаснува дека партиите и нејзините претставници нема да можат да стекнуваат милионско богатство доколку правилно функционираат во рамки на државните закони.

„Демократијата тешко се справува со политичките партии, бидејќи се добива впечаток дека политичките партии диктираат со она што значи функционирање на самата демократија. Ако одредена политичка партија ги насочува активностите кон тоа да профитира, а во исто време да плокламира демократија, тогаш секогаш партијата е во предност затоа што тие демократски институции често пати партиите на власт ги контролираат, односно ги имаат под нивна капа, така што тие во тој сегмент на профитирање обично се во некоја предност“, вели Рамадани.

Говорејќи за состојбата во земјите со демократска традиција, Рамадани вели дека ако таму биде утврдено вонзаконско богатење на партија или нејзин претставник, тие брзо ќе се соочат со политичка одоговорност, со казна од јавноста и судските органи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG