Достапни линкови

На секоја истрага на СЈО контра истрага на ОЈО


Паралелните истраги на Основното јавно обвинителство и Специјалното јавно обвинителство ја продлабочуваат поделеноста во општеството. Аналитичарите сметаат дека истрагите на ОЈО се контратежа на СЈО и дека целта им е пазар „човек за човек“.

Изборни измами во 2014 и во 2016 година се предмет на истрага и на Основното јавно обвинителство и на Специјалното јавно обвинителство. Нелегалното финансирање на изборната кампања и поткуп на гласачи, се основата на двете истраги. Разликата е во тоа што Специјалното јавно обвинителство, кое е формирано поради аферата со прислушување, истражува индиции од прислушуваните разговори за сторен криминал од функционерите на власта. Основното јавно обвинителство, пак, кое пред формирањето на СЈО можеше да постапува по кривичните пријави за истите дела за кои се сомничат претставници на власта, веќе една година води постапки против функционери на СДСМ кои беа дел од техничката влада за спроведување избори.

За аналитичарите зголемената активност на Основното јавно обвинителство, е всушност противтежа на Специјалното јавно обвинителство. Аналитичарот Мерсел Биљали обвинува дека Основното јавно обвинителство не работи во интерес на заштита на државата и законите, туку се обидува да ги заштити претставниците на досегашната власт. Тој се сомнева дека зголемената активност на Основното јавно обвинителство се должи на обидот за пазарење „човек за човек“ .

„Да воспостави таква позиција за да може да се договорат две структури, иако мислам дека не е можно такво нешто. За ВМРО-ДПМНЕ како опозиција и новата влада да се договорат, иако мислам дека треба да се види што ќе се докаже. Дури и да се докаже нешто, разликата е огромна, меѓу евентуално докажаното од едната и од другата страна“, вели Биљали.

Тој објаснува дека во овој вакуум простор, институциите се снаоѓаат како што можат и како што им е наметнато од други структури.

Политикологот Митко Гаџовски вели дека досега СЈО ја исполнува својата цел, а тоа е истражување на сомневањата кои произлегуваат од прислушуваните разговори, предмети и постапки за кои Основното јавно обвинителство не придонесе за правна разрешница. Од друга страна, пак, Основното јавно обвинителство сега е поактивно како противодговор на СЈО, со што придонесува за продлабочување на поделеноста на општеството.

„Тоа не е добро за функционирање на правната држава, од причина што гледаме дека Основното јавно обвинителство функционира како противтежа на Специјалното јавно обвинителство. Сите истраги што ги покренува СЈО, всушност спротивно на тоа покренува и Основното јавно обвинителство за опозициските функционери. Тоа не е добро за правната држава, тоа не може да донесе правда еднаква за сите граѓани. Правдата и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ е еднаква и пред правдата сите треба да одговараат, без разлика кој на која политичка партија и припаѓа и кој на каква функција се наоѓа во одреден момент“, вели Гаџовски.

Според соопштението на Основното јавно обвинителство, истрагата за изборни нерегуларности е отворена уште во 2016 година постапувајќи по кривична пријава поднесена од надлежна институција и досега се сослушани 70 сведоци. Во март минатата година обвинители од тимот на Марко Зврлевски влегоа во Општина Струмица и одзедоа службени компјутери, а на распит повикаа 10 лица вработени во општинската администрација. Тогаш обвинителството соопшти дека се истражува изборен поткуп за парламентарните и претседателските избори во 2014.

Еден месец претходно, на прес-конференција, тимот на Катица Јанева го објави случајот именуван како Титаник, за изборни манипулации. Осомничени се поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски и поранешниот секретар на влада, дека ги злоупотребиле изборите и гласањето за да победи одредена политичка партија. Осомничени се и судии и поранешни членови на ДИК.

Специјалното јавно обвинителство пред одржувањето на изборите на 11 декември започна со распит на сведоци за финансирање на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, по што подоцна следуваа и протести во Охрид. Основното јавно обвинителство, пак, два дена по изборите изврши претрес во домот на началникот на СВР Куманово кој беше поставен од техничкиот министер Оливер Спасовски за сомневања дека вршел изборен поткуп со делење на дрва за огрев.

Зголемен интерес да споделат информации со јавноста Основното јавно обвинителство покажа и за смртта на Коста Крпач, кој, како што вели СЈО, бил сведок во дел од нивните предмети. Тогаш одржаа краток брифинг во кој изразија сомневања дека причината за неговата смрт е стресот на кој бил изложен по извршениот претрес во неговиот стан, без при тоа да одговорат на клучното прашање „Колку куршуми биле пронајдени во телото на Крпач?“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG