Транзиционен период до изборите во април најавен од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан отвора повеќе дилеми што се може да се направи во престојните десет месеци особено во врска со враќањето на довербата во институциите.
Секоја друга влада која што би дошла ќе се плаши да не и се случи тоа што и се случи на оваа владејачка гарнитура и во секој случај ќе се воздржува во голема мера да не го прави она што го правеше оваа владејачка гарнитура.Темелко Ристески, универзитетски професор.
Опозицијата постојано тврди, а како што вели тоа се слушало и од аудио материјалите, дека државата е киднапирана од Груевски и неговите соработници, а особено се нагласува партизираноста на правосудството.
Според деканот на Факултет за правни науки на ФОН професор Темелко Ристески, десетмесечниот период за враќање на довербата во институциите е краток. Во него, вели тој, треба да се преземат позитивни чекори, но тие треба да дадат резултати, а до април тоа не е возможно.
„Што се однесува до Jавното обвинителство и до судството, може слободно да кажам, пред се тука, се потребни кадровски промени. Нестручни јавни обвинители, нестручни судии, судии бирани по партиски клуч, односно партиска подобност, по препораки на комитетите на владејачката парија и останатите партии од коалицијата не може да гарантираат квалитетно судење“, вели Ристески, кој нагласува дека клучна за што било е политичката волја на владејчката партија да се согласи на смена на раководниот кадар во судството и обвинителство.
Некоја гаранција сто процентна не може да има, со оваа особено, но и со идната влада. Во секој случај со овие обврски што ги презема опозицијата, ако дојде на власт ќе биде на некој начин обврзана да ги почитува.Насер Зибери, политички аналитичар.
На прашањето,пак, дали гледа гаранции дека некоја идна влада нема да се однесува на сличен начин Ристески вели дека со т.н. бомби на Заев веќе се активирал системот на граѓанска контрола.
„Секоја друга влада која што би дошла ќе се плаши да не и се случи тоа што и се случи на оваа владејачка гарнитура и во секој случај ќе се воздржува во голема мера да не го прави она што го правеше оваа владејачка гарнитура“, вели Ристески.
И аналитичарот Насер Зибери смета дека периодот до избори е краток, но според него не треба ниту да се очекува дека во тој транзиционен период може да се врати довербата во институциите, туку тоа би било задача на некоја идна влада.
Гаранцијата дека некоја идна влада во која не би бил Груевски би се однесувала поинаку кон институциите Зибери меѓудругото ја гледа и во поголема контрола од Европската комисија во процесот на пристапување на земјава кон ЕУ.
„Некоја гаранција сто процентна не може да има, со оваа особено, но и со идната влада. Во секој случај со овие обврски што ги презема опозицијата, ако дојде на власт ќе биде на некој начин обврзана да ги почитува, а тоа влева надеж дека може да очекуваме подобри процеси, пофункционална управа и помало политичко влијание врз судството“, вели Зибери.