Достапни линкови

Платформата алиби за Иванов и за ВМРО-ДПМНЕ


Протест во организација на „За заедничка Македонија“
Протест во организација на „За заедничка Македонија“

Платформата на партиите на Албанците стана кочница во формирањето на влада, бидејќи, според експертите, се користи како алиби од страна на претседателот и ВМРО-ДПМНЕ, со цел да продолжи политичката криза во земјата.

Платформата на партиите на Албанците воопшто не беше потребна, бидејќи и така таа е содржана во нивните изборни кампањи, сметаат експерти, откако ова прашање стана кочница за формирањето на влада во земјата. Платформата за прв пат влезе во игра од страна на ДУИ во декември после вонредните парламентарни избори и пред лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски да го добие мандатот за формирање на влада. Потоа на платформата и се приклучија и другите албански партии, а истата беше потпишана во Тирана. Но, платформата стана проблем кога ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ не постигнаа согласност за коалицирање, по што редот дојде на СДСМ. Тогаш претседателот Ѓорге Иванов за да не му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев платформата ја искористи како причина со која ќе се наруши унитарноста на Македонија.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери во интервју за Радио Слободна Европа, кое целосно ќе го емитуваме в недела, вели дека содржината на платформата воопшто не е спорна и е во рамките на политичките програми, но партиите на погрешен начин дошле до консензус за нејзино потпишување и презентирање.

„Со тоа му дадоа алиби на претседателот Ѓорге Иванов и на ВМРО-ДПМНЕ да се фаќаат за сламка за спас од состојбата во која се наоѓаат. Дека во ниту една точка од таа изјава не се доведува во прашање унитарниот карактер на државата, тоа лесно може да се провери и секој што еднаш ја прочитал ќе види дека во ниту една реченица таму не е кажано дека овие политички партии ќе се залагаат за промена на уставниот поредок на земјата“, смета Зибери.

Извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, смета дека платформата се искористила како алиби за сегашната ситуација, иако и тој тврди дека најголем дел од неа е сочинета во програмите на партиите и не е ни проблематично што е потпишана во Тирана.

„Иако е јасно дека без двотретинска поддршка најголем дел од тие работи не можат да поминат и затоа е уште дополнително непотребно фамата што се прави, затоа што и без согласност од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најголем дел од неа не може да се реализира. Така што, по мене е релативно беспотребна целата тензија која настана“, посочува тој.

Веќе неколку недели траат и протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, кои според организаторите се токму за зачувување на унитарноста на Македонија и отфрлање на платформата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG