Достапни линкови

Политичко статус кво за избегнување на правдата


Од протестите во Скопје, организирани од иницијативата „За Заедничка Македонија“
Од протестите во Скопје, организирани од иницијативата „За Заедничка Македонија“

Политичкиот ќор-сокак во Македонија е предизвикан од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое сака да избегне соочување со правдата по случаите кои против нив ги отвори СЈО, велат дел од аналитичарите.

Македонија е во статус кво ситуација. СДСМ смета дека претседателот Иванов треба да се премисли и да го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој му достави 67 пратенички потписи, додека од ВМРО-ДПМНЕ инсистира да се оди на нови парламентари избори на кои граѓаните ќе се изјаснат и за платформата на албанските партии.

Петар Гошев, кој има долгогодишно политичко искуство, во својата анализа вели дека одржувањето на состојбата во која се наоѓа државата е очајнички обид на врвот на партијата на власт да не излезе пред лицето на правдата.

„Оваа состојба му одговара на Груевски и на неговата дружина. Тоа е очигледно за секој разумен човек ,за секој човек кој ги гледа фактите. Состојбата во која се наоѓаме е производ на управувањето со земјата на Груевски и неговата групи кои на очиглед на јавноста направија тешки кривични дела. Секому треба да му биде јасно дека пред лицето на правдата може да се излезе ако тие бидат симнати од власт и ако институциите се ослободат од канџите на оваа организирана државна мафија“, изјави Гошев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски деновиве изјави дека со прифаќањето на платформата на некој начин е извршен удар и оти таа платформа граѓаните не ја прифатиле на избори и оти станува збор за уцена. Според него, вториот начин за решавање на кризата е Заев да се откаже од платформата и да добие малцинска влада со поддршка на Груевски. Според Гошев, изјавите на ВМРО-ДПМНЕ во духот на тоа дека ќе ја бранат Македонија од федерализација, се маска.

„Сè друго што се зборува е обланда. И националните прашањa и етнички прашања и федерализации и конфедерализации и двојазичности, сè е тоа маска зад која лежи обидот на криминалот да не биде санкциониран. Нашата трагедија е што таа вистина не допира до доволен број на луѓе“, вели Гошев.

Исмет Рамадани од Евроатлантскиот совет вели дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се обидуваат во Македонија да продолжи и да се продлабочи политичката криза. Според него, целта на партиите на власт е да има контролирана криза и со тоа да се оневозможи формирање на парламент.

„Во ваква криза тие пак да бидат фактор на преговори. Со интервенција на меѓународната заедница и со нивното факторизирање мислат ќе се заборави сè што правеле додека беа на власт, но мислам дека се лажат. Меѓународната заедница и граѓаните добро ја познаваат состојбата“, вели тој.

Ниту изјавите од меѓународната заедница со кои се бара да се дозволи формирање влада без одложување засега не ја деблокираа ситуацијата. Аналитичарите сметаат дека сепак во наредниот период Брисел ќе има клучна улога во разрешницата на демократските процеси во земјава.

Нови пораки од Брисел се очекуваат в четврток, кога шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини има средба со лидерите на членките на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG