Достапни линкови

Арифи – Нема колективни права без правна држава


Арифи – Нема колективни права без правна држава
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:28 0:00

Арифи – Нема колективни права без правна држава

Етничките и колективни права се многу важни и произлегуваат од Уставот и законите, но треба да се разбере еднаш засекогаш дека доколку нема правна држава, ниту едно право, и граѓанските и колективните, не може да се реализираат, вели универзитетската професорка Беса Арифи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професорке, две години општеството е во некаква криза. Граѓаните бараа расчистување прво на криминалот, но по изборите целата дебата се сведе на исклучиво етнички теми. Според Вас, беше ли ова вистинско време за Платформата на албанските партии?

Одговорот на прашањето има две опции. Најпрвин треба да се разбере дека Албанците како заедница во оваа земја повеќе пати се потрудиле да ги реализираат овие свои права, меѓутоа не биле многу успешни во тоа. Па дури и после потпишувањето на Охридскиот рамковен договор остануваат многу отворени прашања. Секогаш е вистинско време за отворање на прашања кои се поврзуваат со унапредувањето на правата на една заедница. Меѓутоа, јас мислам се погреши малку во однос на воспоставувањето на приоритетите и во самата платформа, бидејќи и во истата се зборува и за правните работи, се зборува и за извештајот на Прибе и реформите кои се поврзуваат со тој извештај, се зборува и за тоа како да се продолжи мандатот на Специјалното јавно обвинителство и да се најде решение за монтираните случаи, меѓутоа тие не беа ставени како приоритет. Мислам дека ова е големата грешка на самата платформа, бидејќи едноставно без да се воспостави еднаш за секогаш правна држава и владеење на правото, ниту едно колективно право, ниту на Албанците, ниту на другите заедници, ниту на кој било друг граѓанин на Македонија не може да се реализира.

Се успеа ли со платформата да се дефокусира целата приказна? Успешно ли е тоа од расчистување на криминалот да се отиде на разгорување на националистички теми?

Не само со платформата, туку и со одговорот на платформата се овозможи истото, бидејќи ако едноставно една година порано протестиравме против работи кои се поврзуваат со криминалот, со граѓанското општество, со заробените институции на државата, сега темата е целосно сменета. Тоа што тука треба да се земе предвид начинот на двојни стандарди како се постапуваше кај платформата. Додека за истата преговараше ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ништо од ова немавме и тогаш немаше многу етнички загреана атмосфера. Кога тие не успеаја да коалицираат, топката се префрли на друга страна, сега наеднаш тоа стана етнички проблем.

Веќе неколку денови се одржуваат масовни протести. Велат дека се за заедничка Македонија, но оттаму слушаме и поинаков тип на пораки. Колку сето ова дополнителни и разгорува и така кревките меѓуетнички односи?

Јас мислам дека се провокација, бидејќи се дефокусира темата од тоа што го имаме како криминал, заробена држава и во тоа што навистина се повторува во низа релевантни меѓународни извештаи поврзани со нашата земја. Мислам дека воопшто нема врска тоа што се промовира како цел на проектот и тоа што навистина се случува на протестите, бидејќи едноставно, иако организаторите повикуваат да се зачува заедничка Македонија, тие протести се организираат поради нечие право да употребуваат свој јазик, коешто тие го гледаат како двојазичност. Иако тоа право на јазик се употребува во Македонија веќе со години, така што чисто се гледа големата манипулација којашто се прави и освен тоа, во ниту еден момент тие кои протестираат не се осврнуваат на криминалот кој се случи во државата и за кој постојат разновидни докази. Со намера да се покрие целиот тој голем и суштински проблем за целата држава и за сите граѓани сè се сведува на тој интеретнички конфликт. Јас мислам дека и порано имаше обиди сето тоа да се внесе во тие меѓуетнички води, тие обиди не беа успешни, иако штетата беше многу голема, да се потсетиме на настаните во Куманово од 2015, меѓутоа тоа што е важно е тоа што тоа е многу ризична игра, многу опасна игра, која сега се стимулира од страна на највисоките функционери во земјата и дека на Балканот секогаш тие обиди на креирање на меѓуетнички конфликти биле со големи последици, за кои понекогаш и меѓународно се одговарало. Затоа нашите политичари треба да бидат многу внимателни еден ден да не завршат пред некој меѓународен суд.

Целото интервју со професорката Беса Арифи може да го погледнете на видео-снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG