Достапни линкови

Македонија стана геополитички проблем


Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини пристигнува во Собранието на Македонија.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини пристигнува во Собранието на Македонија.

За македонската криза реагираше НАТО, а високата европска претставничка, Федерика Могерини, предупреди дека политичка и институционална криза, може да прерасне во меѓуетничка или геополитичка. Аналитичарите велат дека тоа е поради позицијата на Македонија.

Реакцијата на НАТО за случувањата во Македонија, вчерашната изјава на високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини која го употреби терминот геополитички конфликт и честите соопштенија од официјална Москва се сериозни сигнали за безбедноста на земјава оценуваат аналитичарите.

Според поранешниот министер за надворешни работи и универзитетски професор Денко Малески, неодговорното поведение на македонските политичари, кои не се во состојба да го изведат докрај мирно изборниот процес, предизвикува сериозна загриженост во светот за Македонија, но и за регионот. Познато е уште од времето на југословенските војни дека државава има сензитивна позиција и можност внатрешните етнички конфликти и судири да се прелијат на соседните држави и тие да се инволвираат што би можело да прерасне во геополитички судир на Балканот и во Европа, предупредува Малески.

„Ова би било нешто уште полошо од она што се случуваше во Босна, која на некој начин се сметаше за изолирана во срцето на федерацијата и дека не е можно такво прелевање на конфликтот на еден поширок геополитички простор каде што се судираат интереси на различни држави“, вели Малески.

Могерини со сериозно предупредување

Шефицата за надворешна политика на ЕУ по вчерашните средби во Скопје и апелот до претседателот Ѓорге Иванов да ја преиспита одлуката да не го дава мандатот и покрај обезбеденото уставно мнозинство, ги предупреди како што рече сите политички лидери.

Ги потсети нив и сите оние кои имаат институционална одговорност дека имаат должност да се воздржат и да ја смират реториката, да избегнат оваа политичка и институционална криза да прерасне во внатрешно етнички конфликт и како што рече, уште полошо, геополитички конфликт.

„Ова е комплексна земја во комплексен регион. Не ни треба гориво бидејќи имавме и досега оган. Навистина се надевам дека секој ќе биде максимално одговорен и ќе избегнува каква било реторика која може да разгори судири или конфронтации во општеството“ рече Могерини.

Москва активна, Ахмети ја споменува Украина

Неколку часа пред нејзиното обраќање во Скопје стигна реакција и од официјална Москва. Руското министерство за надворешни работи побара да запрат, како што наведоа деструктивни обиди од надворешни шеми кои се контрадикторни со волјата на македонските гласачи и кои само можат да ја влошат ситуацијата во земјата.

„Веројатно во Унијата и во САД имаат индикации и информации дека во Македонија веќе се подготвува опција преку Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кои веќе држат страна кон Русија. Тие тоа не го прават заради некакви политички убедувања, туку криминалот и корупцијата се обидуваат преку путинистичка Русија да го затскријат пред граѓаните дека се работи за спас на Македонија”, вели Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет на Македонија.

И претседателот на ДУИ Али Ахмети синоќа предупреди дека живееме во регион во кој сѐ уште има како што рече неисушена крв врз земјата и дека Украина не е далеку. Затоа посочи тој неопходно е побрзо да се состави влада.

Могерини, пак, по состаноците со македонските политичари рече дека се надева оти тие биле конструктивни давајќи краток рок- ќе видиме колку биле конструктивни во наредните часови и денови, нагласи таа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG