Продолжуваат вербалните напади врз новинари, членови на опозицијата, како и отворени критичари на власта, а последен во низата беше синоќешниот напад врз Борјан Јовановски од веб порталот Новатв. Јовановски во една од скопските кафеани беше вербално нападнат со прашањето дали е предавник, а потоа и плукнат в лице. Видеото од настанот беше објавено на социјалните мрежи, по што можеа да се забележат и коментари на ликување. Утринава и режисерот Владимир Милчин кој постојано ја критикува власта на неговиот фејсбук профил напиша дека бил жртва на вербален напад. Во изминатите денови имаше слични инциденти, а снимател и новинар на веб порталот А1он беа нападнати за време на протестите за „Заедничка Македонија“.
Од МВР велат дека за секој пријавен случај се преземаат сите неопходни мерки со цел негово расчистување, пронаоѓање на сторителот или сторителите и поднесување на соодветен поднесок.
„Како Министерство за внатрешни работи најостро го осудуваме секој напад, било тоа да е физички или вербален, како и секој случај на оштетување на туѓи предмети како и испишување на графити со недолична содржина или со содржина која предизвикува омраза“, наведуваат за нашето радио од МВР.
Во однос на случаите кои не се пријавени, од Министерството посочуваат дека немаат законска можност да постапуваат. Извршниот директор на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска вели дека нападите врз оние кои се спротиставуваат на политиките на власта, не се нешто ново.
„Сите овие напади имаат иста цел, односно да се заплашат сите оние кои се критички настроени против власта и сите оние кои дејствуваат на некој начин против власта или се дел од отпорот. Тоа се случуваше и за време на Шарената револуција, повикувањата на информативни разговори во МВР беа од исто таков карактер да се спречи отпорот и да се спречи дејствувањето против она што се случува, а за што се одговорни секако ВМРО ДПМНЕ“, вели Пировска.
Таа посочува дека очигледно овие напади се организирани и зад нив стои некој кој ја дава наредбата и листата на луѓе на кои треба да се изврши нападот. Според неа, постои опасност вербалните напади да прераснат во физички, бидејќи реториката е засилена во последните денови.
„Така да ако не се случи брза акција на МВР за сузбивање на ваквите појави може да се случи ваквите напади да ескалираат“, смета Пировска.
Хелсиншкиот комитет, како што посочува, ќе се обрати до МВР со сите случаи кои ги имаат документирано од пред изборите па досега, затоа што има зголемување на говорот на омраза и делата поттикнати од него.