Според Уставот и Изборниот законик, денеска е последниот ден за распишување на локалните избори, но право да распише избори има само претседателот на Собранието кој е изгласан од најмалку 61 пратеник од актуелниот парламентарен состав. Прецизната законска одредба дека од денот на распишувањето до денот на одржувањето на изборите не може да поминат повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена, во актуелната ситуација се комплицира поради фактот дека имаме политичка криза, а Собранието не функционира.
Според СДСМ, единствен излез од моменталната политичка криза е претседателот Иванов да му го даде мандатот на Зоран Заев, по што би се продолжила конститутивната седница и да се формира Влада. Дури тогаш ќе се решаваат другите прашања, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека најдобро решение и излез од сегашната ситуација е распишување и нови предвремени парламентарни избори заедно со локалните.
„На тој начин би се намалиле трошоците, а граѓаните би добиле можност да се произнесат и за платформата од Тирана која им беше подметната после изборите“, додаваат од партијата.
Сепак, според ВМРО-ДПМНЕ, закажувањето нови избори или одложување на локалните зависи од мнозинството пратеници кои според досегашните изјави се обединиле околу Тиранската платформа, заобиколувајќи ја, како што велат, волјата на мнозинството кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.
И од ДУИ не се заинтересирани за одложување на локалните избори. Деновиве лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека локалните избори треба да се одржат во законски предвидениот рок во мај, а притоа треба да се разгледаат сите околности и да се почитуваат.
Од партијата Беса и Алијанса за Албанците велат дека локалните избори треба да бидат организирани од Владата која произлезе од декемвриските избори.
Правните експерти потсетуваат дека и порано сме имале случај на одложување на локалните избори од 2004 година, кога нивниот мандат беше продолжен за шест месеци, а изборите беа одржани во март следната година.
„И во овој случај ако не можат да се распишат избори поради состојбите, поради непотполна конституираност на Собранието, тогаш ќе се одложат изборите и ќе се распишат тогаш кога претседателот на Собранието и пратениците ќе си ги завршат своите уставни обврски“, вели професор Темелко Ристевски.
Според универзитетскиот професор Јонус Абдулау, излез од кризата се политички, а не правни решенија.
„Овде во прашање е политичка волја која во моментот не постои од страна на претседателот на државата, кој е комплетно под влијание на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој случај се појавува политички вакуум, локалните избори не може да се распишат, бидејќи нема претседател на Собрание“, вели Абдулау.
Одложувањето на изборите подразбира измени во Изборниот законик и одредување нов термин за нивно одржување. Тоа, пак, според експертите, би можело да ја отвори потребата од можни измени и на Законот за локална самоуправа за да се продолжи мандатот на градоначалниците и советниците, а за кои е неопходно дво-третинско мнозинство.
Вака каква што е моменталната ситуација, Абдулау објаснува дека доколку изборите не се одржат во мај, градоначалниците на општините и општинските совети повеќе нема да имаат никакви надлежности.
„Актуелните градоначалници не ги задржуваат надлежностите, бидејќи им истекува мандатот, но тие можат да овластуваат други лица кои ќе можат да донесуваат одлуки во однос на финансиите и другите обврски кои ги има општината, се до моментот на одржување на изборите и изборот на нов градоначалник“, изјави Абдулау.
Според измените на Изборниот законик од 2014 година, локалните избори треба да се одржат во првата половина на мај.