Достапни линкови

ЕУ го кажа своето, на кризата не и се гледа крајот


Средба на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов со Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Средба на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов со Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

Откако претседателот Ѓорѓе Иванов не ги прифати пораките од меѓународните претставници да ја преиспита одлуката за доделување на мандатот, експертите очекуваат политичката криза да потрае и тоа со цел ВМРО-ДПМНЕ да остане на власт.

Продлабочување на политичката криза, очекуваат експертите откако меѓународните претставници дојдоа и си заминаа без назнаки за нејзино решавање. Некои беа остри, а некои поблаги во нивните пораки. Но, ниту еврокомесарот Јоханес Хан, ниту шефицата за надворешна политика Федерика Могерини и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск не го принудија претседателот Ѓорѓе Иванов да го преиспита својот став за доделување на мандатот за формирање нова влада. Иванов и вчера по средбата со Туск во Скопје уште еднаш порача дека останува на истиот став. Според него, политичките партии треба да се фокусираат врз европските реформи, а не на платформи, како што рече, креирани во други држави.

„Повеќе од очигледно е дека стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е оваа криза да трае до оној момент до кога не се исполнат нивните барања, така што мислам дека со сите сили и средства тие ќе се обидуваат да го блокираат целиот процес за формирање на нова влада, иако има обезбедено парламентарно мнозинство за тоа. Така што мислам дека оваа криза ќе потрае“, вели Митко Гаџовски, политикологот на Факултетот за општествени науки.

Очекувано сценарио на ВМРО-ДПМНЕ, кое само тие го знаат и играат на сите расположливи карти, посочува политичкиот аналитичар Алајдин Демири.

„Што значи дека ВМРО-ДПМНЕ упорно си тера кризата да се продлабочи. Според мене, можеби и некаков контролиран конфликт ќе направат во Скопје или околината, веројатно со крајна цел на ВМРО-ДПМНЕ за да опстане. Тоа е таа логика кога ВМРО-ДПМНЕ се идентификува со државата, нацијата и власта“, посочува Демири.

Според Гаџовски, најголеми губитници ќе бидат граѓаните на Македонија.

„Пораките што доаѓаат од меѓународната заедница одат во насока дека Македонија би се соочила со санкции, дури со повлекување на препораката така што мислам дека дури и по таа цена ВМРО-ДПМНЕ не би се откажало од она што го турка во моментов како агенда и би останала на ставот кој вчера го потврди претседателот Ѓорѓе Иванов“, смета Гаџовски.

Демири не верува дека има излез од политичката криза.

„Јас не верувам затоа што целта е токму кризата. Тие се мобилизирани во сè. Сега го мобилизираа и народот. Не е тоа голем број, но е доволен за да се направи проблем. Значи имаме институционална криза. Утре ќе имаме и на локалната власт“, смета Демири.

ВМРО-ДПМНЕ освен патоказ за решавање на политичката криза, неодамна излезе и со манифест за тоа како треба Македонија да се движи во иднина. Во меѓувреме, конститутивната седница постојано се продолжува со бесконечни реплики, а продолжуваат и протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG