Достапни линкови

Дали Туск ќе го убеди Иванов?


Архивска фотографија - Средба на Претседателот Ѓорге Иванов со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во Скопје, 2 март 2016.
Архивска фотографија - Средба на Претседателот Ѓорге Иванов со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во Скопје, 2 март 2016.

Туск на средбата со Иванов најверојатно ќе врши притисок претседателот да го промени својот став, велат дел аналитичари, но не се оптимисти дека нешто ќе се промени. Можеби треба да се промени пристапот на ЕУ, додаваат тие.

Домашната јавност нема големи очекувања дека посетата на претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск во земјава ќе донесе некаков напредок во политичката криза. Веројатно тет-а тет средбата со македонскиот шеф на државата ќе биде своевиден пристисок тој да го промени својот став, но не верувам дека тоа ќе се случи, убеден е Љупчо Ристовски, претседател на Институтот за доблесна и вредносна политика „Интегра“.

„Мислам дека ЕУ во целина со сите нејзини клучни играчи ќе мора да го смени пристапот во даденава ситуација и ќе мора да се најде начин да се разговара. Колку политичката криза се оддолговлекува толку просторот за дијалог и евентуално политичко решение се стеснува во таа насока и нормално сега веќе и поради насоките коишто во манифестот на ВМРО-ДПМНЕ ги дава дека не се добредојдени меѓународните претставници во решавањето на кризата, мислам дека ќорсокакот продолжува,“ вели Ристовски.

Според дел од аналитичарите која и да биде пораката на Туск во однос на решавање на политичката криза тешко дека Иванов ќе го промени своето мислење, иако посетата е добредојдена и со цел охрабрување за формирање на нова влада. Во рок од неколку месеци Македонија ја посетија повеќе меѓународните претставници како еврокомесарот Јоханес Хан, шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини, а ова ќе биде трета посета на Туск во изминатите две години.

„Можностите коишто ги имаше ЕУ со посетата на Могерини и Хан беа скоро целосно исцрпени. Веројатно ова ќе биде уште еден обид во таа насока, но мислам дека и очекувањата на Брисел мислам дека не се позитивни и затоа тие ставаат приоритет на мигрантската криза и интеграцијата на Македонија во ЕУ,“вели Ристовски.

Според него понатаму се можни други латерални решенија доколку Брисел сфати кои се носителите на изворот на кризата во дадената ситуација. Дури тогаш Ристевски очекува Брисел да преземе поединечни репресивни мерки, но засега нема најави во таа насока и веројатно се очекува општеството внатрешно да изнајде потенцијал за дијалог и за разрешување на настанатата политичка криза, додава тој.

Инаку домашната политичка состојба, мигрантската криза и улогата на земјава во справувањето со неа се главните теми на разговор меѓу Туск и Иванов. Не е планирана средба на Туск со претставници на политичките партии.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG