Достапни линкови

Посетата на Хан во фокусот на дневниот печат


Посетата на еврокомесарот Јоханес Хан и реакциите по неа се главната тема во печатените медиуми.

Еврокомесарот Јоханес Хан со тројцата европски пратеници дојде во Скопје и – си замина. „Што по Хан?“ – оди со прашален наслов Утрински, додавајќи дел од пишаната изјава на Европјанинот: „Потребна е нова Влада, часовникот отчукува!“. Но дали во земјава има некој што ќе ги слушне пораките на ЕУ?

Печатените медиуми ги објавуваат реакциите на партиите. ВМРО-ДПМНЕ вели: „Што побрзо предвремени избори заедно со локалните за излез од кризата“, објави Утрински. „Заев: Не гледаме решение во нови избори – треба да се формира Влада“ – објави истиот весник. Заев додава дека ако се оди на избори, „тие ќе изгубат и Ѓорѓе Иванов може повторно да не го даде мандатот“. Нова Македонија во насловот ја цитира изјавата на Села: „Иванов нема право на личен став, излезот од кризата преку институционален пат“, како и изјавата на Касами од БЕСА: „Хан го поддржува мнозинството од 67 пратеници и формирање нова Влада“. Иванов, веќе е познато, избегна средба со Хан, „но не и предупредување од него“ – како што напиша Утрински.

„Амбициозната дипломатска офанзива на Брисел не го промени однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ: Никого не фермаат, со арно и со убаво власта не ја даваат!“ – наслови Слободен печат. Вечер објавува: „ВМРО-ДПМНЕ на СДСМ му нуди две конкретни решенија: Малцинска влада или предвремени парламентарни избори“.

Исто така Вечер излезе со наслов: „Заедничка Македонија победува, народот му покажа на Хан како се сака Македонија“. За случувањата пред Собранието, додека Хан се среќаваше со партиските лидери, Утрински наслови: „Во Собранието средби, пред ЕУ протести – Еврокомесарот пречекан со транспаренти уште на автопатот ’Александар Велики‘ до влезот во Скопје“.

Инаку, Слободен печат забележува дека „Средношколци и натаму се вадат надвор на протести – од Државниот просветен инспекторат одбиваат да го коментираат проблемот“, пишува.

Сите изјавуваат дека кризата треба да се реши институционално, ама токму во институциите никако да се договорат. Дневник напиша: „ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ без договор – виси и конститутивната седница за избор на претседател на Собранието“. Утрински забележува дека „Македонија не памети толку долг институционален вакум како овој со кој е соочена уште од декември минатата година“. „Сто дена без влада“ – гласи насловот во весникот.

Се јави и посредникот во преговорите за името, Метју Нимиц. Тој смета дека „Македонија е доведена во висок ризик и опасност“ – објави Нова Македонија.

Весниците исто така објавија дека Заев бил на испитување во Основното јавно обвинителство, кое отвори случај против лидерот на СДСМ за наводна злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања во 2014 и лани за предвремените.

А Европа се расправа со обновени терористички напади. Во Лондон, „Петмина мртви и дваесет повредени во нападот пред британскиот Парламент“, информира Утрински, а Нова Македонија наслови: „Тревога во ЕУ: Инфилтрирани терористи во новиот бран бегалци“, пренесувајќи информации од италијанската разузнавачка служба.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG