Достапни линкови

Хан барал внимателно забрзување на процесите


ЕврокомесаротЈоханес Хан и европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн во посета на Македонија
ЕврокомесаротЈоханес Хан и европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн во посета на Македонија

Лидерите по средбите со еврокомесарот Јоханес Хан инсистираа на институционално решение на кризата.Единствено од ВМРО-ДПМНЕ не повикаа за снимки од состанокот на нивните лидер Никола Груевски со европските дипломати.

Забрзување на процесите, но и опстојување на барањето на институционално решение на кризата. Ова, сумирано, според изјавите на лидерите на партиите било разговарано на денешните средби во Собранието со еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници, Едуард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекештајн.

Единствено ВМРО-ДПМНЕ не повика новинарски екипи за снимање инсерти од средбата на партискиот претседател Никола Груевски со европските политичари. Тој, според агендата беше последен за состанок со гостите од Европската унија.

Првите луѓе на СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците по одделните средби зборуваа за решавањето на кризата преку собраниска седница, избор на претседател на Собранието кој ќе го информира претседателот Ѓорге Иванов а потоа и очекување десет дена тој да го даде мандатот.

Заев-собраниска седница до крајот на неделава

И покрај тоа што од досегашните изјави на претседателот на државата нема индиции дека ќе го смени ставот, лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека остануваат на тоа дека се уште го очекуваат мандатот од Иванов. Се договориле, рече тој по средбата со Хан, дека процесите мора да бидат забрзани, но дека забрзувањето не значи, како што нагласи, дека треба да престанат да бидат внимателни за сите провокации кои се случувале од другата страна.

“Јас очекувам Собранието да има седница до крајот на оваа недела. Се друго ќе значи банализирање и барање изговори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, токму преку господинот Вељановски кој е претседавач на седницата која е започната и треба да заврши” рече Заев.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети пак ги повика сите политички сили што поскоро да изнајдат заеднички јазик и по институционален пат да ја решат политичката криза. Посебно барање испрати до ВМРО-ДПМНЕ и до СДСМ да ги доближат разликите и да понудат решение. На новинарско прашање дали и без даден мандат од претседателот Ѓорге Иванов ќе гласаат за влада, тој не одговори конкретно.

“Ние ги дадовме нашите потписи за парламентарно мнозинствo и не планираме да ги прекршиме нашите ветувања” рече Ахмети.

Решение преку институции

Претседателот на Беса Биљаљ Касами,пак, по средбата изјави дека Хан не понудил конкретен предлог.

“Комесарот Хан не поддржува во нашите постапки кои водат кон формирање влада, која во моментов има поддршка од 67 пратеници, како и да се избере претседател на Собранието, како и уште еднаш од претседателот Иванов да се побара да го додели мандатот и да почнат преговорите за состав на новата влада за да може таа влада да ја реализира програмата за враќање на државата на евроинтеграциските процеси” рече Касами.

Единствен излез е институционалниот, речеЗијадин Села од Алијансата за Албанците.

“Претседателот на државата нема право на лично мислење, туку само да го спроведува Уставот. Иванов може да има не само еден туку стотици лични ставови. Како претседател на државата тој нема право на личен став за мандатот, туку е должен да го даде на оној што ќе обезбеди мнозинство од најмалку 61 пратеник” рече Села.

Иванов не се сретна со Хан

Како што се брифира, Хан нема да даде изјава туку подоцна вечерва ќе испратат заедничко писмено соопштение со европратениците.

Засега Хан единствено се огласи на Твитер. На почетокот на првата средба во Скопје со претставниците на Беса напиша дека итно е потребна нова влада за да спроведе реформи.

„Нема време за губење! Патот за Скопје кон ЕУ е отворен по последниот состанок на Советот на ЕУ. Но часовникот отчукува. Потребно е лидерство наместо тактика. Економијата трпи“,напиша Хан.

Инаку претпладнево непосредно пред европските дипломати да слетаат во Скопје од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов објавија дека тој нема да се сретне со Хан. Иванов кој од вчера е во Унгарија, како што соопштија од неговиот кабинет, ќе стигнел доцна вечерва.

“Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на нивната последната средба на 10 февруари 2017 година и тие остануваат непроменети. Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат, без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана“, се вели во соопштението од Кабинетот на Иванов.

Toj терминот за средба им го отстапи на претставниците на Иницијативата за заедничка Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG