Тој објаснува дека во неколку наврати досега бевме сведоци на исти или слични пораки од претставници на меѓународната заедница за да се спроведе волјата на граѓаните, односно претседателот Ѓорге Иванов да го почитува деклариранито мнозинство во Собранието и на демократски начин да се премине на избор на нова Влада.
Гаџовски стравува дека пораките кои пристигнуваат и натаму нема да бидат ниту почититувани ниту слушнати од Иванов и од ВМРО-ДПМНЕ. Тој се надева дека нема да дојде до степен да треба меѓународната заедница да покренува нови мерки или санкции кон земјава.
„Искрено да кажам не го посакувам тоа сценарио. При последната посета на Туск во Скопје беше посочено дека е можно да биде повлечена и препораката за Република Македонија. Во врска со санкциите сметам дека тоа ќе биде последниот чекор кој што би го направила меѓународната заедница пред Македонија да стане тотално изолирана земја, а најголемата штета ќе ја доживеат граѓаните“, вели Гаџовски во интервју за Радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела.
Тој објаснува дека со евентуалните санкции кои што би ги презела меѓународната заедница на некој начин ќе бидеме оставени сами на себе, без меѓународна помош од финансиски и политички аспект, а без таа помош од нашите партнери од меѓународната заедница, ние тешко ќе излеземе од ситуацијата во која се наоѓаме.
„Во изминатиов период бевме сведоци дека доколку бидеме оставени сами на себе, односно македонските политичари ако бидат оставени сами да изнајдат решение за која било ситуација видовме дека тоа не можеме да го направиме. Пример за тоа беше договорот во Пржино кој произлезе под патрон на меѓународната заедница. Период кој што следи ќе биде доста тежок, тензичен и мачен за Македонија, особено за граѓаните на кои им е смачено од тоа што се случува. Сметам дека без меѓународна помош ние не можеме да излеземе од оваа ситуација“, објаснува Гаџовски.
Политичката криза се продлабочува поради неможноста да се избере претседател во Собранието поради долготрајните реплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа дополнително се кочи и постапката за избор на Влада. Претставници на меѓународната заедница постојано апелираат до претседателот Иванов да го почитува уставот и да го додели мандатот. Гаџовски смета дека токму поради недостатокот на слух кај претседателот ја загрижува меѓународната заедница.
Неможноста на институциите да се справат со корупцијата и организираниот криминал, како и одбивањето на претседателот Иванов да се сретне со комесарот Јоханес Хан, недипломатското однесување политичките претставници, грубиот однос со амбасадорите, се само дел од причините за загриженост за состојбите во Македонија, вели аналитичарот Џељаљ Незири.
„Мислам дека не се случило до сега една земја од промотор на реформите во регионот да стане црна точка на регионот. Тоа се случи на Македонија, каде што и ЕУ и САД се загрижени поради начинот на кој се одвиваат работите во земјава“, изјави неодамна Незири.