Една интересна вест објавува Слободен печат во најновото издание: „Иванов е јазолот на кризата, ама тешко може да се разврзе“ – пишува во насловот, за да продолжи: „Дали ќе се спроведе импичмент или ќе се распише референдум за разрешување на Ѓорѓе Иванов од позицијата претседател на државата. Ова се двете можни сценарија кои во изминатите денови кружат во политичките кругови“ – пишува Слободен печат.
А во „Собранието ништо ново – реплики, контрареплики... и телефонската сметка на Груевски од 3 000 евра“ информира Утрински, кој во друг наслов вели: „СДСМ и ДУИ бараат мирно решение – социјалдемократите ги повлекоа своите реплики и поголемиот дел од пратениците од оваа партија ја напуштија салата во Собранието“.
Вечер за овој потег информира од свој агол: „СДСМ бегаат од одговор за тиранската платформа – го напуштија Собранието“.
Дневник наслови: „Едно те исто – СДСМ пак се налути и го напушти Собранието“. Дневник ја објавува и заедничката изјава на тројцата европратеници, Вајгл, Кукан и Флекештајн по средбата со техничкиот министер за надворешни Попоски во Стразбур:
„Не гледаме никакво оправдување за одолговлекувачките тактики што се користат во Собранието за одложување на изборот на нов спикер и формирање Влада“.
„Брисел и Вашингтон го вперија прстот во Собранието – генералниот секретар на НАТО пратил писмо како одговор на претседателот Иванов во врска со неговото барање меѓународните институции да ја осудат тиранската платформа“ – насловува Утрински додавајќи дека Иванов го сокрил писмото од јавноста. Утрински ја поставува и дилемата по кратката посета на Туск на Скопје и средбата со Иванов: „Радикален пресврт или изолација по Туск“.
Вечер пишува: „Студен туш од Доналд Туск за Зоран Заев и СДСМ“, тргнувајќи од тоа дека високиот европски функционер во изјавата не го ни споменал мандатот на новата влада, туку поголемо внимание посветил на проблемот со бегалците.
Утрински и Нова Македонија го објавуваат најновиот извештај за човековите права во регионот во кој Македонија е со најголемо демократско назадување меѓу земјите од Западен Балкан и се третира како земја со хибриден режим со зависно судство, опструкции врз работата на СЈО, високо ниво на корупција во државните институции, намалена слобода на изборниот процес и без слобода на медиумите.
Загрижувачка е информацијата на невладината „Фајненс тинк“, објавена во Утрински дека „Крпен живот живее секој трет граѓанин во Македонија – над 28 проценти граѓани немаат доволно пари да си ги платат сметките“.
И уште една вест што привлекува внимание во Утрински: „Уставниот суд го стопира барокот на ГТЦ, Македонската опера и балет и Националната универзитетска библиотека ’Св. Климент Охридски‘“.
Истиот весник информира дека во „Белград се одржуваат трет ден протести против изборот на досегашниот премиер Вучиќ за претседател“. За Вечер протестите се на „Клинтонистите кои ги користат последните моменти да направат хаос на Балканот“, а за Дневник тоа е „Македонско сценарио – српските шарени почнаа да ги бојадисуваат белградските споменици“.