Достапни линкови

Парламентарната криза ќе им ги врзе рацете и на градоначалниците


Одложувањето на локалните избори создава правен вакуум и ѝ ги врзува рацете на локалната власт. Негативните последици од тоа ќе ги почувствуваат и жителите и бизнисмените, велат аналитичарите.

Со истекот на мандатот на градоначалниците и советниците во општините се ограничуваат и нивните ингеренции, што значи дека тие нема да може да носат одлуки кои се однесуваат на развој на општината, велат аналитичарите. Можното одложување на изборите за локална власт им ги врзува рацете на градоначалниците во поголем дел од општините каде што се носат одлуки за тековни активности кои се од сезонски карактер, како што е на пример одлука за чистење на канали, за асфалтирање на улица или, пак, едноставно реновирање на училишта во летниот период. Од друга страна, нема да може да се носат промени и измени на урбанистички планови, ниту пак да се прават јавни набавки кои не биле предвидени со досегашниот буџет на општините.

Политичкиот аналитичар, професор Митко Гаџовски, вели дека сите рокови за распишување на изборите во мај се пробиени и дека најрано тие може да бидат одржани есенва.

„Мислам, дека ингеренциите со кои ќе располагаат градоначалниците ќе бидат лимитирани, но со оглед на тоа што буџетите се носат во текот на една фискална година, мислам дека нема да имаат поголеми потешкотии. Проблем ќе биде ако тоа се оддолжи за после 31 декември 2017 година. Мислам дека тогаш ќе има сериозни проблеми и по општините и по градоначалниците и по советниците“, објаснува Гаџовски.

Од друга страна, пак, поранешниот министер за локална самоуправа Тахир Хани вели дека нерешавањето на политичката криза токму во овој период ќе се одрази негативно врз функционирањето на локалната власт, затоа што се создава уставен и законски вакуум.

„Градоначалниците не можат да го продолжат својот мандат со полн легитимитет врз основа на законот за локална самоуправа. Откако на градоначалниците ќе им истече мандатот за еден месец, тие нема да имаат законска основа да потпишат каква било одлука, што е основна задача на локалната власт, во сите сегменти кои се однесуваат на животот на граѓаните во една општина“, вели Хани.

Поранешниот градоначалник на Студеничани, Алудин Зеќири, пак, смета дека со правниот вакуум во спроведување на надлежностите на локалната власт ќе се отежни животот на жителите на општините, како и функционирањето на бизнис секторот.

„Сите општини во целост нема да можат да ги реализираат проектите коишто веќе се почнати или коишто треба да почнат, а имаат сезонски карактер. Преку лето се реализира најголем дел од проектите на локалната власт, но сега тие ќе бидат блокирани. Развојната компонента на една општина директно е поврзана со правната и целосно ќе се блокираат инфраструктурните проекти што би значело уште еден удар врз бизнисот, а посебно врз градежништвото“, вели Зеќири.

Рокот за распишување на редовните локални избори истече пред еден месец. Според актуелниот изборен законик, локалните избори може да ги распише само претседателот на Собранието. Одложувањето на изборите подразбира измени во Изборниот законик и одредување нов термин за нивно одржување. Тоа, пак, според експертите, би можело да ја отвори потребата од можни измени и на Законот за локална самоуправа за да се продолжи мандатот на градоначалниците и советниците, а за кои е неопходно двотретинско мнозинство. Правните експерти потсетуваат дека и порано сме имале случај на одложување на локалните избори од 2004 година, кога нивниот мандат беше продолжен за шест месеци, а изборите беа одржани во март следната година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG