Достапни линкови

Трамп ги брани мерките против мигрантите


Трамп: забраната не е за Муслиманите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:33 0:00

Трамп: забраната не е за Муслиманите

Американскиот претседател Доналд Трамп во одбрана на неговата извршна наредба за привремена забрана на патувањата од седум муслимански земји оцени дека таа не е „забрана за муслиманите“. Тој додава дека САД ќе продолжат да издаваат визи за сите земји откако ќе бидат обезбедени имиграциски мерки во наредните 90 дена.

Неговите коментари следуваа по протестите што се проширија низ Соединетите држави и во странство и откако извесен број конгресмени застанаа против новите мерки.

„Америка е горда земја на мигранти и ќе продолжиме да покажуваме сочувство за оние што бегаат од репресии, но тоа ќе го правиме штитејќи ги нашите граѓани и граници. Америка секогаш била земја на слобода и дом на храбрите“, наведува Трамп во официјалното соопштние, додавајќи:

„Ова не е забрана за муслимани како што погрешно известуваат медиумите. Ова не е за верата, туку за теророт и за зачувување на безбедноста на земјата“.

Според Трамп, со неговиот декрет не се опфатени останатите 40 муслимански земји.

Шефот на неговиот кабинет Рајенс Прибус ги демантира извештаите дека имало хаос на аеродромите во САД каде што деновиве имаше протести.

Протести во САД, 29.01.2017.
Протести во САД, 29.01.2017.

Тој додаде дека ден по наредбата, односно 28 јануари во САД влегле 325 илјади луѓе, а само стотина притворени.

Ветувајќи дека ќе ја заштити земјата од „странски терористи“, Трамп на 27 јануари нареди забрана на имигранти од седум земји во наредните 90 дена. Станува збор за Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Сирија, Судан и Јемен.

Одлуката предизвика остри реакции во Соединетите држави. Мери Хилс вчера беше дел од протестите во Њујорк:

„Мислам дека тоа е навистина страшно, тоа е неамерикански. Тоа е неуставно и мора да биде отповикано и сменето. Треба да се бориме против тоа со се што можеме“.

И лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер оцени дека наредбата била неамериканска:

„Таа беше спроведена на начин кој создаде хаос и конфузија низ целата земја и тоа само ќе ги охрабри и ќе ги инспирира оние од целиот свет кои сакаат да ни наштетат“, рече тој.

Слични се оценките од светот, а шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф оцени дека одлуката на Трамп е „голем подарок за екстремистите“.

Во меѓувреме, Канада соопшти дека ќе им понуди привремен престој на луѓето заглавени во земјата како резултат од извршната наредба на претседателот Трамп.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG