„Голем ден за националната безбедност“. Ова меѓу другото стои во пораката на Трамп на Твитер со која најавува изградба на ѕид на американската јужна граница.
Ѕидот, како и заострувањето на мерките за влез на бегалци главно од муслиманските земји беа едни од клучните негови ветувања за време на изборната кампања.
Со претседателските декрети привремено се забранува влез за бегалци, како и суспензија на визи за граѓани на Сирија, Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан и Јемен.
Забраната ќе важи неколку месеци, а исклучок ќе бидат припадници на верски заедници на кои им се заканува опасност.
Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, во вторникот најави дека Стејт департментот и Департментот за национална безбедност ќе почнат да работат на процесот на заострана проверка на влегувањата во Соединетите Држави.
Новинската агенција Ројтерс го цитира поранешниот шеф на Одделот за имиграција во администрацијата на претседателот Барак Обама, Стивен Лекомски, кој вели дека претседателот има право да го ограничи влезот на бегалци, како и издавањето визи спрема специфични земји.
„Од легална гледна точка, тоа ќе биде во рамките на неговите законски права. Но, од политичка гледна точка тоа е страшна идеа, бидејќи таму има итна хуманитарна потреба за бегалците токму сега“, вели тој.
Повеќето поддржувачи на претседателот Трамп ја критикуваа одлуката на поранешниот претседател Барак Обама за зголемување на приемот на сириски бегалци во Соединетите Држави, страхувајќи дека некои од нив би можело да изведуваат напади во земјата.
Инаку, во најновата серија твитови, претседателот Трамп, меѓу другото, најавува дека ќе интервенира доколку во Чикаго не се среди, како што наведува, „страшниот масакар во градот“.
Тој додава дека од почетокот на годинава досега таму имало 42 убиства што е за 24 насто повеќе од лани.
За време на кампањата Трамп повремено го спомнуваше овој трет најголем град во САД како пример на пораст на криминалот.