Започнуваме со Дарија Андовска, универзитетски професор, композиторка и македонски музички амбасадор во светот. Во Новата година очекува излегување од оваа лимбо-ситуација.
„2016 година како да ескалираше, како да го постигна врвот на една зомбификација што ни се случува прилично долго време предизвикана од едно ментално, емоционално, такаречи самоналожено ембарго бидејќи сме заложници на болни умови. Од друга страна, некако во изминатава година и се разбуди свеста и имаше редукција на тој стален страв, па и дури се случи некаква победа над реактивната импотенција. Веројатно сето тоа има некакво влијание на сите и во приватниот и во професионалниот живот, мислам дека сите нешто чекавме нешто да превагне, нешто да мрдне, за да ни тргне да излеземе од оваа лимбо ситуација“, вели таа.
Митко Гогов, граѓански активист, поет, „конзул“ и „претседател на Песничка република“ вели дека изминува година одбележана со желбата за промени.
„Особено ми е драго што завршува оваа 2016 година, година на тешка транзиција и целосно губење на сите можни поставени човечки вредности. Од една страна видовме обединување на независната и слободната мисла, што дополнително кај мене остава впечаток и мотив дека можеби бевме најдобри досега во борбата за враќање на она што се вика желба за промени, што е во паралела со моето основно делување како граѓански активист со нашето здружение за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст - Струмица“, како и со глобалната манифестација „100 Илјади поети за промена“, која оваа година ја организиравме по шести пат“, вели тој.
Арбен Бени Шаќири – музичар, пејач кој со своите НОН СТОП ни го дари хитот – револуционерната „Нема правда, нема мир!“, а со композиторот Златко Ориѓански го потпишаа заедничкиот „Добро утро, госпоѓо!“, албум кој стамено ја заговара идејата за ововремена „народна“ македонска музика – онака како што пред нив го правеа мнозина дејци и еден автор-колос Јонче Христовски.
„Ништо повеќе не е нормално, барем не беше во оваа 2016 година. Од таму во април месец ние, јас извадив една песна и ја насловив како „Нема правда, нема мир!“. Песната доживеа огромен успех и кај оние коишто ја поддржуваа Шарената револуција и им се допаѓаше, а и кај оние коишто гледаа со презир кон таа нумера, меѓутоа не можеа да го одречат фактот дека таа песна постои и дека е тука таква каква што е. Згора на тоа успеав да снимам албум со Златко Ориѓански, да работам активно на својот нов материјал, да имаме безброј настапи лево и десно и сето тоа да помине туку така. Пресметано во некакви светски параметри јас би требало да уживам, ако ништо друго, барем достојна почит за она што го работам, но гледам дека тоа никому не му е важно. Иако морам да признам дека не се „палам“ на популарност, ниту зрелоста и сериозноста ми го дозволуваат тоа, меѓутоа сметам дека сите уметници коишто се на ова тло, впрочем како и секаде низ светот, заслужуваат барем малку почит“, вели тој.
За Вера Милошевска – Јосифовска – пејачка на групата ЉУБОЈНА, измина една успешна година на професионален план.
„2016 година ќе ја паметам, пред сè, по убави нешта затоа што ова е јубилејна година за ЉУБОЈНА. Ова е 15-годишнината од нашата работа досега. Исполнета со многу труг, многу трпение. Не штедејќи енергија, не штадејќи начини, средства, не штедејќи и лична сила и љубов и емотивна сила за да се дојде до тоа до коешто групата сакаше да дојде, а тоа е да создаде музички бренд од својата музика. Од својот звук. Работеше макотрпно на различни албуми за да дојде до сублимат кој го објави оваа година и кој се вика „Радио Љубојна“ и кој навистина ги заокружува сите наши музички патувања што во последно време како идеја ни провејува во главата“, вели таа.
Никола Коџабашија, композитор за чии творби британските, читај воопшто европските музички и театарски критичари не ги штедат убавите зборови. Повеќе од заслужено. Вели дека очекува крај на „блуењето омраза“.
„Се обидуваме, се надевам, сите да живееме најмногу во сегашноста, или барем таа порака сакам да ја испратам, а вака ретроспективно кога ќе погледам на општествено ниво мислам дека светот станува сè поголема глобална баруштина во која владеат игнорантност и глупост. Ама, за среќа, тоа е многу добра причина за повеќе хумот бедејќи тоа е единствениот излез. Малку да се насмееме на глупоста. На нашата глупост, не само на туѓата. Јас изминатава година ја поминам главно на проби, во театри во неколку земји. Главно во Германија, во Шкотска, во Англија, во Данска, Италија, а ова што ни се случува во опкружението ни светско, почнувајќи со изборот на американски претседател, политикантските кризи во Македонија, тоа е сè многу смешно, меѓутоа станува и се потрагично. Слушајќи што сè се случува, дека ат и човечки животи, дека се блуе таква омраза која се надевам дека еднаш веќе ќе секне бидејќи јас лично не сум навикнат на толку лошотија“, вели тој.
Тања Кочовска, актерка која, во очекување на зимскиот преоден рок, живееше со 300 на сат катадневно трчкајќи од Театар за деца и младинци преку мост до МНТ. Инаку, најголема љубителка на печени костени.
„2016 -та – преубава година. Преубава година затоа што ми се случија три убави работи, односно три претстави во МНТ. Тоа се мјузиклоот „Чикаго“, а потем и претставите „Животот е прекрасен“ и последната, свежата „Тартиф“ каде што мислам дека навистина бев добра. И добив големи аплаузи. Меѓутоа додека станав добра, поминав една голгота. Невидена голгота. Тоа е на професионален план, а на приватен не ми се случи ништо посебно. Никој не ми се допадна, немам никаква врска, што значи пак сум со истиот маж со којшто сме заедно уште од 1994 година. И, сега сум тажна оти полека ќе си одат децата кое ваму, кое таму. Сакале да бидат сами. Самостојни“, вели таа.
Петар Младеновски – Пеце, радиоводител, пејач и басист на сенародните забавувачи – инструменталната банда СУПЕРХИКС. Истите оние кој во пресрет на празниците ја обнародија „Жал ми е за децата!“, а денвиве го завршуваат новиот албум што би требало да се појави во продажба некаде на крајот на февруари годинава.
„Ни се случуваше една од најнестабилните години коишто ги паметам во еден несреден политички, па и економски амбиент во нашата драга, мала Република Македонија. Година полна со загаден воздух и со ПМ-честички околу нас. Година во која изгубивме многу големи артисти и на локално – Есма и на глобално ниво. Нè напуштија еден куп од моите лични музички идоли како Дејвид Боуви, Леми, Принс, Леонард Коен и кој сè не“, вели тој.
Илинка Делчева, дипломран инженер за заштита на животна средина, умно перо од социјалните мрежи и безрезервно вљубена во животот.
„2016-та ќе ја паметам по смртност. Времето, местата и атмосферата кога дознавав за смртта на Дејвид Боуви, Принс или Леонард Коен се цели раскази. Толку многу познати уметници заминаа во вечност што почнав да ги зезам своите блиски пријатели кои се занимаваат со уметност дека најголем успех годинава ќе им биде ако ја преживеат. Како никоја година досега оваа сакав да ја забрзам. Секој месец, една-две недели живеев, другите сакав да пролетаат за час. Револуции, избори, поганост, лудило, лошотилак, лаги, измами, лицемерство – сето тоа сакав да го заборавам. Се радував на искрено шаренило“, вели таа.
И, овде вртиме нова страница. Сега најпрвин со Гогов.
„Уметничкиот порив и креативен револт кај сите нас културни работници во државата крие нова светлина на крајот на тунелот. Ќе биде подобро, мора да биде подобро. 2017 година е година во која фрлам семка надеж дека навистина можеме да станеме подобри и поосвестени, потолерантни едни спрема други и повесели. Сакам и ќе се потрудам да бидам еден од оние кои ќе го покренат сивилото кое како тмурен облак надвиснало над нашата држава, затоа што верувам дека постои подобро утро за сите нас“, вели тој.
Дарија Андовска, пак, посакува година на повисока свест и поголема свесност.
„Почнувајќи секој лично од сопствениот микрокосмос, па тоа прогресивно да се шири до некакво глобално будење затоа што не само што ќе се изгубиме и себе си туку ќе си ја изгубиме и планетата“, вели таа.
Вера Милошевска – Јосифовска од ЉУБОЈНА посакува насмеани луѓе на улиците.
„Не паметам некогаш воопшто во историјата на светот да имало попрекрасни и поубави времиња, но искрено се надевам на подобри времиња. На послободоумни времиња. Да бидеме порелаксирани, тоа многу често го гледам по светот, а кај нас сè уште го немам забележано. Да одиш по улица и да видиш насмевка кај некој од минувачите. Ете тоа никако не можам да го видам, а толку си посакувам да ми се случи. Една обична насмевка сакам да видам“, вели таа.
Пеце Младеновски од СУПЕРХИКС, пак, не очекува ништо подобро во новата година.
„Вообичаено сум оптимист, но овојпат ќе бидам песимист и ќе кажам дека не очекувам ништо подобро. Очекувам еден матен политички амбиент, несреден, со многу турбуленции во оваа 2017 година. Што се однесува до чистиот воздух – него не го очекувам. Ќе ни фали. Ќе продолжиме да се гушиме и во ова политичка магла, политички, општествен и економски смог и од воздухот во ова наше мило Скопје“, вели тој.
И уште еднаш мама Тања Кочовска:
„Во 2017 само семејството да ми е живо и здраво а потоа да продолжам со работа. Да иа нови претстави и актерски предизвици. Тие голготи не би требало, не може да ги прескокнуваме, но нека си бидат како што треба“, вели таа.
Во продолжение повторно и Бени Шаќири. Очекува крај на лудилото.
„Искрено како борец за демократија и како слободоумен и правдољубив човек се надевам дека ова лудило ќе заврши и дека 2017 година, на прво место, ќе ни донесе слобода и правда, а после тоа и мжност секој да се бави со својата работа и да не паметуваме многу. Да немаме потреба да се бавиме со политика оти дефинитивно сме најполитизираниот народ што може да постои на земјината топка“, вели тој.
Илинка Делчева бара само разум, а Коџабашија вистина.
„Сакам да имаме добра мисла и да веруваме дека годинава ќе почнеме да се регенерираме. Малку повеќе да се соочуваме со вистината, а не со верзии на вистината кои ни се кажани, прераскажани и закажани“, вели тој.
Нека ни е среќна, бериќетна, послободна, пољубовна и поумна годината ни нова 2017.