Многу кумановци пред двеипол децении биле учесници на разни доброволни работни акции кои традиционално биле организирани во изградба на некогашната заедничка држава. Малкумина од нив го задржале тој дух да се биде хуман, да се помогне на унесреќениот, изнемоштениот, непознатиот.
Јусуф Љатифи е еден меѓу ретките кој акцијаштвото и хуманоста ги носи во душата и не ги дели луѓето ниту по вера, нација, политичка или етничка припадност. Тој едноставно сака да помага, а за негова среќа има уште дузина негови истомисленици кои по помошта во српскиот град Краљево се упатиле во расчистување на последиците по неодамнешната поплава во Скопје, под покровителство на градоначалникот Зоран Дамјановски. Јуско, како што го викаат пријателите, раскажува дел од неговите најнови искуства, значењето на некогашните младински работни акции и обиди акцијаштвото да се врати во општеството, оти како што вели, ако некому помогнеш, тој ќе ти возврати. Особено е среќен што меѓу возрасните се вклучила и 12-годишната Анастасија Анѓеловска.
„Тоа едноставно плени, затоа што еден млад човек ги согледува добрите страни од таквото организирање. Жал ми е што народот не поистоветува со едно минато време кое какво и да било имало и добри страни. Една од тие добри страни е токму тоа. Исполнети сте, сакате да го дадете секој свој дел од себе за доброто некому“, вели тој.
Соочувањето со поплавените населби во Скопје, Јуско вели дека било непријатно. Особено кога ги виделе лицата и погледите на оштетените луѓе. Поразително е, раскажува овој акцијаш, што малкумина им се придружиле.
„Неформални групи имаше од по четири по пет луѓе. Меѓутоа оние правни лица од невладиниот сектор кои наводно имаат членови интересот беше незабележителен. Ние секогаш кога заминувавме објавуваме преку социјалните мрежи, но состојбата со хуманоста е катастрофална. Ако имате предвид едно размислување на еден граѓанин од Синѓелиќ кој вели дека смешно е да се каже дека во кризниот регион учествуваат пет илјади волонтери, а над 700 илјади жители има Скопје“, вели тој.
За тоа има повеќе противречни причини.
„Тешките услови на живот, нарушени меѓучовечки односи поради верски,национални и други. Виси прашањето: Зошто да помогнам? Јас бев седум дена и иако во Синѓелиќ имам роднини не отидов да им помагам нив, но приоритетот ми беше да му помогнам на факторот човек. Бевме сконцентрирани да помогнеме таму каде што е најпотребно“, вели тој.
Според Јуско, нивната акцијашка активност во Краљево била предуслов за уште еден доказ дека ако помагаш, ќе ти биде помогнато.
„Веднаш потоа нашите другари, учесници на ОРА „Краљево“ од Краљево, Бела Црква, Рума, Лопаре, Белград, Тузла, Зеница, дојдоа, човечноста што ние ја покажавме таму, ни се возврати. Волонтаризмот и хуманизмот имаат широка сфера“, вели тој.
Кумановци се сеќаваат на акцијаштвото, на деновите кога младите заминуваа и се враќаа од работните акции, во Македонија и надвор од неа. Таков начин на организирано доброволно работење беше прекинато со распаѓањето на државата, но потребата за доброволно помагање во тешки мигови останува.
Драган Петровски, некогашен акцијаш, се сеќава на тоа време.
„Треба да има акцијаштво. Младите треба и да се дружат, но оваа држава нема сенс за тоа, ниту стратегија и концепт. Не треба акцијашите да се само од Македонија, може да бидат повикувани и од други држави“, вели тој.
Обновената кумановска акцијашка организација не мирува и кога нема елементарни непогоди. Тие организираат расчистувања и во средини во кои институциите отсуствуваат.