Достапни линкови

Куманово ги чисти каналите и речните корита


Локалната власт во Куманово ги чисти речните корита на Кумановка, Липковка и Којнарка и на каналот на потокот Серава. Жителите сметаат дека тоа се прави од страв по поплавите во скопско.

За спречување на елементарни непогоди и нанесување последици по населението и материјална штета, локалната самоуправа во Куманово интензивно се зафати со чистење на речните корита на Кумановка, Липковка и Којнарка и на каналот на потокот Серава. И речните корита и каналот се јавни депонии во кои несовесните граѓани кои немаат ниту минимум еколошка свест насекаде фрлаат секаков вид отпад, смет и шут. Илустративно, за само четири дена од Серава се извадени околу 600 метри кубни смет.

Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека за едномесечно чистење и дренажа ќе бидат потрошени околу три милиони денари. Каналот Серава датира од 1976-та година кога Куманово беше погодено од елементарна непогода.

„Потокот Серава е најголем канал за атмосферска вода која оди од месноста Мачја Глава, го поврзува селото Романовце, најголемото сливно подрачје. Беше затрупан со смет, сега е исчистен, отворени се решетките за заштита и пропуст на водата. Со тоа е зголемена безбедноста за овој дел од градот при евентуално надоаѓање на поголеми води. Отворено прашање на Општината Куманово е каналот покрај автопат кој е на Агенцијата за автопат и магистрални патишта, кој е сериозен проблем, кој се прекинува со населбата „Тоде Мендол“ и не конектира со реката Липковка и тука е и главниот проблем“, вели тој.

Според Дамјановски, секоја година се чистат речните корита и сега продолжуваат активностите по трите реки, особено делот во близина на Булеварот „Октомвриска револуција“ каде што има многу шут и израснати диви гранки. Тој се надева дека превентивата ќе ги спречи евентуалните излевања на реките и поплави. Дамјановски постојано апелира на подигање на свеста на граѓаните за одговорно однесување кон животната средина.

На релативно новиот булевар „Октомвриска револуција“ и улицата „Никола Тесла“ постојано има проблеми со атмосферска канализација.

„Мора да констатирам дека Куманово повеќе од 65 насто од површината на јавните сообраќајници нема атмосферска канализација. Со покриеноста од 35 насто се дренира атмосферската вода. Затоа и со поддршка на ИПА фондовите и инвестициски развојни програми ќе се реализираат проектите за изградба на атмосферска канализација“, вели Дамјановски.

Граѓаните кои главно не се информирани за овие активности сметаат дека не се одржуваат и не се чистат речните корита и каналот на потокот Серава, туку дека ова е од стравот по поплавата во скопско.

„Не сум ниту запознаен дека се работи некаде.“

„Градоначалникот треба и канализација да изгради во „Банево Трло“ и во „Ѓорче Петров“. Кој век сме да немаме канализација.“

„И од што се случија поплавите!“

„Се исплашија од поплавата и заради тоа го чистат каналот“, велат кумановци.

Можеби не е доволно одржувањето на каналите и речните корита, но како што велат надлежните, а и дел од совесните граѓани, однесувањето на јавни површини е на несоодветно ниво. Граѓаните не се грижат за чиста и здрава животна средина. За подигање на свеста неопходни се едукации на сите генерации, забележуваат кумановци.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG