Експерти на Обединетите нации соопштија дека ги истражуваат последните наводи за хемиски напади во Сирија и ги повика сите сили вмешани во конфликтот да го обноват прекинот на непријателствата.
„Добивме веродостојни информации во врска со употребата на хлор во Шеик Максуд, населба во близина на градот Алепо, во почетокот на април кога луѓе беа однесени во болница со симптоми на инхалација на хлор. Ние, исто така, сега ги истражуваме и новите наводи за употреба на хемиско оружје“.
Ова го изјави Витит Мунтабхорн, член Независната комисија за Сирија, на прес конференција во Женева.
Тој не посочи кој би можело да го изврши нападот во населбата Шеик Maксуд во минатиот месец.
Единствено што наведе е дека тој ден имало жестоко бомбардирање и оти тоа би можело да се поврзе со евентулен хемиски напад.
Информацијата дојде откако спасувачи и една мониторинг група објавија дека во вторникот најверојатно напад со хлор во населбата што е под контрола на сириската опозиција предизвикал десетици случаи на задушување.
Инспекторите на ОН за воени злосторства, исто така, ја осудија ескалацијата на насилството во Сирија во текот на изминатите неколку месеци, оценувајќи ја за срамна „очигледната милитаризација“ која се зголемува од крајот на март годинава.
„Ние многу ја нагласуваме потребата од враќање на преговарачката маса“, рече Мунтарбхорн, додавајќи дека Независната комисија за Сирија сака ревитализација на прекинот на непријателствата, минимизирање на цивилните жртви и крај на нападите врз цивилното население.
Видеото постирано од Сириската група за цивилна одбрана, организација на спасувачи која работи во областите што се под контрола на бунтовниците, покажа деца згрижени во болница по наводен напад со хлор и како здравствените работници полеваат вода врз нив и им даваат маски за кислород за да им помогнат да дишат.
Групата соопшти дека владини хеликоптери фрлиле барели бомби кои содржат хлор во источниот дел на Алепо. Притоа биле затруени десетици луѓе, но нема извештаи за смртни случаи.
Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија, која ги следи настаните во Сирија, повикувајќи се на болнички извори, јави дека биле пријавени 70 случаи на задушување.
Сириската влада ги негираше претходните обвинувања дека користела хемиско оружје во текот на петгодишната граѓанска војна. Од почетокот на конфликтот во Сирија загинале над 250 илјади луѓе.