Достапни линкови

Бајден во Анкара, турски војници во Сирија


Бајден пристигна во Анкара, само неколку часа откако турските сили, поддржани од коалицијата предводена од САД, започнаа воена офанзива против милитантите на Исламската држава во северниот дел на Сирија.

Вашингтон придава огромно значење на односите со Турција, а САД нудат безрезервна поддршка за демократија во земјата по неуспешниот воен удар во јули, изјави заменик претседателот на САД Џо Бајден кој е во посета на Турција. Тој изјавата ја даде по состанокот со турскиот премиер Бинали Јилдирим. Бајден треба да се состане и со претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Турција бара САД да го екстрадираат турскиот проповедник Фетула Ѓулен, кого Анкара го обвинува за оркестрирање на обидот за државен удар.

Турција бара екстрадиција на Ѓулен, САД ќе почитуваат правни стандарди

Бајден потврди дека САД имаат добиено барање од Турција за екстрадиција на Ѓулен, но истакна дека доказите биле во врска со настани случени пред 15 јули. Тој инсистира дека мора да бидат исполнети правните стандарди во случајот со Ѓулен.

„Има придвижување во преговорите за екстрадицијата на Ѓулен, но одлуката за неговото предавање на Турција ќе ја донесе Федералниот суд на САД. Жалосно е што Ѓулен се наоѓа во САД, а не во некоја друга земја“, рече Бајден по средбата со претседателот на турскиот Парламент, Исмаил Кахраман во Анкара.

Ердоган претходно рече дека ќе побара од Бајден да се почитува барањето на Турција за екстрадиција на Ѓулен. Потпретседателот на САД вели дека Вашингтон го разбира „интензивното чувство“ на Анкара за Ѓулен и додава дека САД немаат интерес да штитат никого што нанел штета на кој било американски сојузник.

Јилдирим по разговорот со Бајден рече дека очекува судскиот процес за екстрадиција да се спроведе без одлагање.

Бајден и Јилдерим разговарале и за борбата против милитантите во соседна Сирија. Бајден вели дека турската воена база Инџирлик останува важен дел за извршувањето на американските воздушни напади во Сирија. Тој ја пофалил Турција и за справувањето со бегалците кои бегаат од војните во Сирија и Ирак.

Турција се справува со милитантите на сириската граница

Бајден пристигна во Анкара, само неколку часа откако турските сили, поддржани од коалицијата предводена од САД, започнаа воена офанзива против милитантите на Исламската држава во северниот дел на Сирија.

Турски тенкови и оклопни возила ја преминаа границата меѓу двете земји и навлегоа во областа Џараблус која е под контрола на милитантите.

Дамаск и Москва против „турската агресија“

Сириската влада ја осуди операцијата на турските сили во областа Џараблус која се наоѓа во рацете на екстремистите на Исламската држава. Според властите во Дамаск, актот не турските сили е „флагрантно кршење“ на суверенитетот на Сирија. Министерството за надворешни работи соопшти дека го осудува преминување на границата меѓу Турција и Сирија од страна на турски тенкови и оклопни возила поддржани од коалицијата предводена од САД кон градот Џараблус. Сириските власти велат дека се врши агресија под изговор дека се работи за борбата против тероризмот.

Во соопштението на официјален Дамаск се наведува дека секој потег за борба против тероризмот на сириска територија треба да се координира со сириската влада и војска.

Русија изрази длабока загриженост поради воената операција. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров соопшти дека турската воена операција може да доведе до „понатамошно влошување на ситуацијата во зоната на конфликтот и да ги разгори меѓуетничките тензии меѓу Курдите и Арапите“.

Москва го поддржува сирискиот претседател Башар ал-Асад во конфликтот во Сирија.

Чистките не запираат

Во меѓувреме, турската полиција до сите аеродроми во земјата денеска испрати предупредување за опасност од самоубиствени терористички напади. Во самоубиствен бомбашки напад на свадба во јужна Турција во саботата загинаа над 50 луѓе.

Турција не запира и со пресметките, со како што велат, приврзаниците на Ѓулен, по обидот за пуч. Турските власти денеска од работа отпуштија повеќе од 2.800 судии и обвинители. Досега од работа се отпуштени или суспендирани околу 80 илјади луѓе од државната служба, судството и полицијата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG