„Сите се загрижени за политичката нестабилност во Турција и обидот за државен удар ќе има импликации во односите меѓу Турција и Европската унија“.
Ова го оцени шефот на Меѓународниот спасувачки комитет Дејвид Милибанд, додавајќи:
„Таканаречениот договор кој ни помогна и ни даде пауза во протокот на бегалци очигледно е многу важен како што Европа се справува со осумстотините илјади луѓе кои пристигнаа во минатата година.“
Според Милибанд, најважно е Европа и Турција да ја продолжат тесната соработка околу бегалците и мигрантите.
„Она што го знаеме е дека притисокот од Блискиот Исток, особено од војната во Сирија, не престана. Затоа земјите како Грција треба да се справат со сегашниот бран бегалци кои се тука, околу 50 илјади, но исто така, и во случај да почнат доаѓаат повеќе луѓе кон крајот на оваа или следната година“, рече тој.
Односите меѓу Европската унија и во Анкара се заладија по неуспешниот државен удар во Турција.
Турската влада во текот на викендот соопшти дека Анкара ќе се повлече од договорот за мигрантите ако Европската унија, во замена не го реализира ветениот безвизен режим за Турците.
Стартот на овој режим неколку пати е одложуван поради европските забелешки на турската легислатива која се однесува на борбата против тероризмот, а сега и во врска со справувањето на властите со антивладините активисти.
Германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел деновиве изјави дека Европа нема да биде уценувана од Турција во разговорите за либерализација на визниот режим, додека претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во минатата недела изрази загриженост дека договорот со Турција, постигнат во март годинава, би можело да пропадне.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пак, во вторникот изјави дека Европската унија не успеа да ги исполни нејзините ветувања од договорот за мигрантите и покрај, како што рече, успесите на неговата земја во спречувањето на нелегалната миграција.
„Искрено, можам да кажам дека со згрижувањето на три милиони сириски и ирачки мигранти, ние ја заштитивме Европа. Европа не ги исполни ветувањата. Тие ветија три милијарди евра до крајот на оваа година, но тие пари, кои ќе бидат потрошени на мигрантите од Сирија и Ирак, за жал, се уште не сме ги примиле“, рече тој.
Повеќе од милион мигранти и бегалци дојдоа во Европа во 2015 година, Грција е во првите редови на приливот мигранти кои повеќето пристигнуваат на островите на Егејско Море од брегот на Турција.
Во меѓувреме, не престануваат обидите на мигрантите и на бегалците да стигнат во Европа преку Средоземното Море. Скоро секојдневно италијанската крабрежна стража открива по неколку стотици мигранти и бегалци од Африка.