Достапни линкови

Уапсени полицајци осомничени за шверц на мигранти


Илустрација
Илустрација

Меѓу 19-темина уапсени во полициската акција „Којот“ има петмина полицајци. Групата, меѓу другото, е осомничена за криумчарење на мигранти и продавање на дрога воВелес, Неготино, Гевгелија и Скопје.

Полицијата во рамки на акцијата „Којот“ уапси 19 лица, од кои пет полицајци осомничени за криумчарење на мигранти, продавање на дрога, злоупотреба на службена положба и лажно претставување во подрачјата на Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје, соопшти МВР.

Три лица од Велес, од кои еден вработен во Секторот за внатрешни работи, биле организатори на криминалната група осомничена дека на почетокот на 2015 година започнала да криумчари мигранти, да препродава дрога и да извршува коруптивни кривични дела. Во криминалните активности учествувале полицајци од Велес кои службената положба ја злоупотрербувале за да и овозможат на групата информации и логистика, а обезбедувале и полициски униформи за вршење на делата.

35 – годишен велешанец е прво пријавен, за кого полицијата утврдила дека во Велес и Штип подолго од една година организирал мрежа на дилери на дрога, а дрогата ја набавувал од Албанија и Скопје.

„Во делот на кривичните дела против човечноста и меѓународното право од страна на организираната криминална група се испланирани, организирани и извршени неколку кривични дела: „Криумчарење на мигранти“. Со криминалистичкото истражување е утврдено е дека од страна на криминалната група е организиран превоз на најмалку 559 мигранти. Криминалната група делувала и преку Казнено поравната установа во Гевгелија, каде осуденик учествувал во пронаоѓање на мигранти и првични договори за кривични дела криумчарење мигранти“, изјави на прес – конференција министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.

Групата делувала на меѓународно и национално ниво и при претресот на полицијата биле пронајдени автоматски пушки, рачна бомба, пиштол, муниција, документи за исплата на парични средства и друго.

МВР соопшти дека денеска ќе бидат поднесени кривични пријави против осомничените за посочените кривични дела.

Министерот Чавков истакна дека со одлуката за затворање на балканската руата во март, македонската полиција проценила дека ќе се појават нови групи за криумчарење на бегалци и мигранти и дека полицијата успева да превенира значителен број на криминални активности.

„При тоа морам да нагласам и дека полициските службеници се соочуваат со исклучително високи ризици при превенирањето и попречувањето на криминалните активности на овие субјекти кои учествуваат во организираното криумчарење со мигранти. Сме имале ситуации, не само на незастанување на возила, туку и за интенции за насочување на возилата према полицијата“, рече Чавков.

Тој додаде дека во борбата против криумчарењето македонската полиција се координира со безбедносните служби на регионално ниво и дека доста успешно се справува со проблемот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG