Европа ќе се соочи со дополнително усложнување на ситуацијата со бегалската криза, по одлуките на некои од Шенген земјите да ги затворат нивните граници, оценуваат експертите. Унгарија најави затворање на границата и кон Романија, Австрија кон Словенија, а Чешка повика да биде создаден привремен „вонреден граничен систем“ по линијата на бугарско – македонската граница, за да се заштити Европа од илегалната миграција.
Начинот на справување со кризата е многу погрешен, доколку одиме со се повеќе рестрикции и ѕидови, луѓето нема да се сопрат, само ќе посегнат повторно по криумчарите.Габриела Андреевска, активист на терен од невладините организации Солидарност и Легис.
Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност коментира дека ваквата ситуација за Македонија би можела да значи да мора да создава дополнителни пунктови за прием за мигрантите кои ќе бидат пропуштани од Грција.
„Ситуацијата уште повеќе се усложнува со одлуката на неколку европски земји, бидејќи Грција не постапува доволно според одлуките кои се донесуваат во рамките на Европската Унија и барањето такви приемни пунктови од Турција да се преземаат преку Бугарија и потоа да се транспортираат преку Романија кон Западна Европа, Македонија ќе дојде во ситуација вакви прифатни пунктови да мора да отвора и кон Бугарија, што дополнително ја усложнува ситуацијата и од економски и од политички и од безбедносен аспект“, вели Марковски.
Во однос на прашањето дали со затворањето на границите ќе се зголеми и криумчарањето на бегалците и мигрантите, Марковски вели дека секојдневно постои шверц, особено на економските мигранти и дека со овозможувањето мигрантите да поминуваат на територијата на Бугарија тие можности се повеќе се зголемуваат.
„На што не може да биде имуна и Македонија, односно и кај нас ќе биде зголемен овој број. За жал се појавува една нова состојба во Македонија, кадешто одредени граѓани со своите превозни средства се ставаат во улога на овој шверцерски канал“, вели Марковски.
Габриела Андреевска активист на терен од невладините организации Солидарност и Легис вели дека рестрикциите придонесуваат и ќе продолжат да придонесуваат за шверцувањето на луѓе. Таа вели дека колку повеќе луѓето се илегализираат, толку повеќе се остава простор за криумчарите.
„Веќе имавме неколку примери и во Македонија кога луѓе беа фатени како се обидуваат да криумчарат бегалци од недозволените националности, но истите тие националности дури и кога се депортираат во Грција, не значи дека ќе престанат да доаѓаат. Тие само чекаат да се подобрат климатските услови и потоа пак ќе се обидат да преминат. Начинот на справување со кризата е многу погрешен, доколку одиме со се повеќе рестрикции и ѕидови, луѓето нема да се сопрат, само ќе посегнат повторно по криумчарите“, вели Андреевска.